Засадените дрвца нема да го скријат загадувањето од „Усје“
Жители на Расадник реагираат на признанието што го доби компанијата од Кисела Вода
Жителите на Кисела Вода се лути на надлежните општински органи и го дочекаа на нож признанието за општествено одговорна компанија што и' го додели Општината на Цементарницата „Усје“. Тие апелираат „Усје“ да финансира во заштитата на животната средина при процесот на производството, бидејќи загадувањето што го предизвикува не може да се покрие со засадени дрвца. Повеќето од граѓаните што живеат во околината на „Усје“ не се согласуваат со оцената на општинарите дека компанијата работи во насока на подобрување на здравјето на граѓаните.
„Речиси секој, или секој втор ден се чувствува силна миризба што доаѓа од правецот на Цементарницата. Тое е нагласено во последниве 3-4 месеци и особено кога дува ветер. Нема одреден дел од денот кога се чувствува поинтензивно, може да мириса и наутро, но и ноќе“, велат жители на населбата Расадник, објаснувајќи дека миризбата потсетува на времето кога беше актуелен проблемот со горењето отпадна гума.
„Во ред е да се инвестира во дрвја, образование или во градежни зафати, но, сепак, главната преокупација на Цементарницата треба да биде спречување на загадувањето, а не негово санирање“, велат граѓаните.
Од Општина Кисела Вода, пак, признанието на „Усје“ го сметаат како резултат на партнерскиот однос со компанијата на важни проекти.
„Традиционално компанијата работи на хортикултурно уредување на дворовите на градинките и на училиштата, а уредени се и неколку паркови“, велат општинарите и додаваат дека секоја година со нивна поддршка се реализира летниот камп за децата со оштетен слух.
Општинарите и „Усје“ заедно инвестирале и во покривањето на Усјанскиот канал во должина од 800 метри. (С.Н.) |