Пет хотели и катна гаража ќе се градат под Кале
Советот на Центар денеска ќе гласа за ДУП-от кој е дел од владината приоритетна програма
Деспина Трајковска
Пет хотели, катна гаража и спортски комплекс со апартмани и спортски терени сместени под Кале крај Вардар. За ваков изглед на овој реон денеска ќе гласа Советот на Општина Центар.
Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај река Вардар - Парк 2“, кој ќе се најде на разгледување пред советниците, е дел од владината програма за приоритетна изработка на урбанистички планови. Тој опфаќа површина од 19,79 хектари земја која во најголем дел е во државна сопственост. Државата ја финансираше изработката на планот кој се донесува по скратена постапка со цел, како што напомнуваа досега од Министерството за транспорт и врски, економски развој и привлекување странски инвестиции, а наедно и за урбанизација на досега неразвиените подрачја во Скопје.
Речиси целиот план за реонот предвидува изградба на нови објекти, единствено се потврдува и се планира надградба на резиденцијата на поглаварот на МПЦ, а планот овозможува и изградба на нови содржини во функција на постојните верски објекти. Петте хотели, пак, е предвидено да бидат распоредени еден до друг крај брегот на Вардар, три од нив ќе можат да достигнат максимална висина од 14,5 метри, а два од 11 метри, односно ќе бидат на три, односно два ката. Катната гаража е предвидено да има осум подземни нивоа и капацитет од 1.960 возила, додека објектите во спортскиот комплекс ќе можат да достигнат висина до осум метри. Во овој комплекс, планот дозволува изградба на спортско-рекреативна сала, придружни објекти во функција на спортот, отворени спортски терени и привремено сместување. Државата планира градежните парцели да ги отуѓи преку јавна лицитација.
Инаку, дел од земјиштето наменето за изградба на три од петте хотели беше понудено на продажба уште во 2006 година. Некои од учесниците на лицитацијата поднесоа жалби, по што отуѓувањето „заглави“ и се' уште нема официјални информации што се случи со него. Како што неодамна информираа од Министерството за транспорт, сите предмети се во судска постапка, се испитува дали продажбата е извршена во согласност со сите закони и прописи. Иако се очекуваше, тогаш на лицитацијата не учествуваше ниту едно познато име од хотелиерскиот бизнис. Две парцели купи фирмата „Гемак трејд“ од Скопје, сопственост на Енвер Малиќи, а една Ејуп Алими, кој понуди 10.050 денари за квадрат. Претставникот на „Гемак трејд“ тогаш изјави дека немаат решено што ќе прават со земјиштето, но навести дека најверојатно ќе градат луксузни хотели. |