Се уриваат бараките на Здравствен дом „Бит-пазар“
Деновиве почнаа да се уриваат бараките на Здравствен дом „Бит-пазар“, а Општина Чаир дури вчера го достави решението за уривање. Единственото известување од општината дека бараките треба да се урнат било испратено во септември минатата година. Рушењето го запреле вработените од Здравствениот дом. Бараките, во кои со години беше администрацијата на оваа медицинска установа, зафаќаат површина од околу 400 квадратни метри и 800 квадрати слободен простор, се' државно земјиште. Според ДУП, на ова место ќе се гради катна гаража и училиште.
Боби Бојчевски, координатор во Здравствениот дом и советник за финансии, вели дека уште во септември побарале Министерството за здравство да го реши проблемот. Никој нема имотен лист за земјиштето, бидејќи тоа е сопственост на Република Македонија.
„Пред една година ја урнавме библиотеката ’Браќа Миладиновци‘ и со претставниците на Здравствениот дом договоривме да ја преселат и архивата, а потоа да уриваме. Сега тие направија случај од сето ова, иако целта е да се реализира ДУП“, вели градоначалникот на Чаир, Изет Меџити. (Сн.К.) |