Вкупно 223 компании на „Градежништво 2009“
Под мотото „Од темел до покрив“ од 3 до 7 март на Скопскиот саем по шести пат ќе се одржи Меѓународниот саем за градежништво „Градежништво 2009“. Во три хали и два анекса, на вкупна површина од осум илјади квадратни метри изложбена површина ќе се претстават 223 директни и индиректни компании од 18 земји од регионот, Европа и од Азија.
Во првата хала ќе се претстават 12 турски градежни компании заинтересирани за презентација на своите производи и услуги и за деловно поврзување со македонските стопанственици.
На саемот ќе се претстават изложувачи од сите градежни области, од проектирање и изградба до опремување на објектите и ентериерот. Ќе доминираат производителите на градежни материјали, изолациски материјали, градежната механизација и конструкција, столарија, како и производители на машини за обработка на градежни материјали.
За време на саемската манифестација во организација на Групацијата ЕРА -Скопски саем и Министерството за транспорт и врски ќе се одржат две трибини на актуелни теми поврзани со градежништвото, од кои едната ќе биде посветена на економската криза и нејзиното влијание врз градежниот сектор.
Саемската манифестација ќе биде отворена од 10 до 19 часот, а влезниците ќе чинат 100 денари. (МИА) |