Се' уште ги нема бројките за ланската сиромаштија
Статистика се' уште не ги подготвила податоците што требаше, според календарот, да се објават на 3 септември
Маја Томиќ
Каде се податоците за сиромаштијата во 2009 година што требаше да се објават на крајот од минатата недела? Државниот завод за статистика, ДЗС, се' уште не ги завршил п��есметките, иако бројките, според календарот на објавување на соопштенијата, требаше да се обелоденат на 3 септември, како што беше и минатата година. Дали се тактизира и намерно се купува време, од политички мотиви или, пак, пролонгирањето на работите е од технички карактер? Од ДЗС велат дека до крајот на оваа н��дела ќе бидат објавени податоците. Но, неизвесно е дека ќе биде така, со оглед дека два дена од оваа недела се неработни.
Од наши извори дознаваме дека податоците се готови, но не се објавуваат, затоа што директорката на ДЗС, Благица Новковска, е отсутна, таа е на пат во странство. А, без нејзина ревизија на подготвените информации за сиромаштијата во земјава, не можат цифрите да излезат во јавност. Од друга страна, во некои кругови се шпекулира и дека е можно податоците малку да се дотераат, со оглед дека станува збор за 2009 година, периодот на кризата и на бројните отпуштања во стопанството. Со оглед на тоа, според сите економски параметри, многу е очекувано процентот на сиромаштијата да биде повисок од претходниот за 2008 година, што секако не и' оди во прилог на владејачката гарнитура во сегашниот политички момент.
Од ДЗС кон средината на август рекоа дека нема да се доцни со податоците и дека во Заводот се одвива обработката на собраните информации од мерењата во текот на 2009 година. А, тие биле проширени и затоа за нив требало малку повеќе време од вообичаено. Рекоа и дека подготовките се при крај и бројките би требало да бидат објавени во предвидениот термин, 3 септември? Но, сепак, не беше така.
Со години наназад податоците за сиромаштијата ДЗС ги публикуваше многу порано, во текот на јули. Прв пат се измени датумот на календарот лани, 3 септември, кога излегоа процентите за сиромаштијата во 2008 година. Инаку, податоците за сиромаштијата за периодот 2003 - 2005 година беа објавени на 14 јули 2006 година. Оние за сиромашното население во периодот 2004 - 2006 година, на 19 јули 2007 година, а на 10 јули 2008 година излегоа бројките за сиромашните во 2007 година. Наши извори велат дека датумите не би требало да се менуваат, ако се работи со иста методологија, а таа не е променета со години. Доколку, пак, се менуваат, додаваат тие, тогаш треба да се скусуваат, а не да се пролонгираат термините.
Според ланските податоци, стапката на сиромаштија во 2008 година изнесуваше 28,7 проценти. Или, близу една третина од населението било сирoмашно и живеело под минимално прифатливото животно ниво. Експертите кои лани ги коментираа тие податоци, беа повеќе од сигурни дека за 2009 година ќе се регистрира многу повисок процент на сиромашни, поради силното влијание на економската криза врз стопанството, оставајќи илјадници вработени без работа, особено во индустријата.
Сиромаштијата во изминатите години, и покрај силните ветувања на сите влади за нејзино намалување, никако да оствари значајни удолни поместувања. Така, во 2004 година таа изнесуваше 29,6 отсто, во 2005 година била на ниво од точно 30 проценти, додека во 2006 година имала благ пад, 29,8 отсто. Во 2007 година стапката на сиромашни била измерена на 29,4 проценти, а во 2008 година изнесувала 28,7 проценти. Експертите одамна апелираат дека за да се намали сиромаштијата, како и невработеноста, која достигна стапка од 33,5 отсто, е потребна стапка на економски развој од најмалку пет, шест или седум отсто годишно и тоа континуирано во период од десетина години, што досега не се случило.
Според ДЗС, најсиромашни се семејствата со повеќе члена, невработените и оние каде што главата на домаќинството има само основно образование. Над 50 отсто од најсиромашните живеат во семејства со пет или со повеќе члена, а повеќе од 40 проценти од нив се невработени.
Според светските стандарди, сиромашни се оние семејства што имаат да потрошат два долара дневно. Нашата Статистика не ја дава конкретната сума со колку пари живеат македонските семејства што се класифицирани како сиромашни. Линијата на сиромаштија кај нас е дефинирана како „ниво на животен стандард што треба да се достигне за едно лице - домаќинство, да не биде класифицирано како сиромашно“. |