Наука
Плусови и минуси за секаде присутната пластика
Пластичните прозорци имаат недостатоци. Еден е естетски. Тие не изгледаат толку добро како дрвените или металните рамки. Друг недостаток е еколошки
ЛОНДОН - Кои се архитектонските икони на нашето време? Кои згради - или делови од згради - ќе бидат современи еквиваленти на готските катедрали со потпорни арки, паладијански тремови или кичести фасади на кината арт-деко? Дали тоа ќе бидат надреалните форми на дигитално дизајнираните структури, како што се Олимпискиот стадион на „Херцог и Де Мерон“ и седиштето на Кинеската централна телевизија во Пекинг на Рем Колхас? Или визионерска еко-куќа? Речиси е сигурен одговорот на првото прашање, а да се надеваме дека ќе има и на второто. Но, доколку треба да ги процениме кандидатите во однос на квантитетот, наместо квалитетот на дизајнот, силна конкуренција би била веројатно најчестата архитектонска карактеристика на раниот 21 век - пластичните прозорски рамки.
Точно, тие грди пластични (попрецизно, непластифициран поливинил хлорид, односно ПВЦ) рамки, кои ги има во жолтеникави нијанси на белата боја со рачки во несоодветна форма. Тие не се многу убави на изглед ниту, пак, на допир. Прашајте ги архитектите што мислат за нив, а тие или ќе ги исмеваат или ќе кажат нешто недолично. Сепак, милиони прозорци денес имаат пластични рамки. Ако прошетате по улица во кој било европски град или место не ќе можете а да не забележите неколку од нив, а веројатно и многу повеќе. Ќе ги видите на повеќето новоизградени куќи (освен кај многу, многу скапите), како и деловни згради, складишта, фабрики...
Тие дури се забележуваат и на архитектонските обележја. На пример, автобуската гаража „Бакметевски“ во Москва, проектирана во 1926 година од познатиот советски архитект Константин Мелников. Откако беше запуштена со децении, зградата беше обновена пред повторното отворање минатата година, за да се смести Гаражниот центар за современа култура, непрофитна уметничка галерија што ја водат руската припадничка на високото друштво, Даша Жукова, и нејзиното момче олигарх, Роман Абрамович. Бидејќи оригиналните прозорци биле скршени, беа поставени нови во истиот геометриски стил како оригиналите на Мелников, но од различен материјал - пластика.
Пластичните прозорци во конструктивните скапоцени објекти, како што е автобуската гаража „Бакметевски“, едвај ги забележуваме. Тие се архитектонски еквивалент на евтините пластични столови што се толку присутни што стануваат невидливи. Со пластичните прозорци и столови се справуваме на ист начин како и со другите непривлечни елементи од секојдневниот живот: со нивно исфрлање, вообичаено без да го сфатиме тоа.
Дали е тоа в ред? Или е бесмислено и снобовски од наша страна да игнорираме нешто што (буквално) е толку голем дел од нашите животи? Пред се', постојат разумни причини зошто пластичните прозорци станаа толку популарни. Тие беа воведени во 80-тите години и толку добро се продаваа, што до крајот на 90-тите години повеќе од половина од сите замени на домашните прозорски рамки во Европа беа направени од ПВЦ. Една од причините е дека тие чинат помалку од старомодните прозорци од меко дрво, што се користат во станбените згради, како и од металните што се користат во јавните згради. Друга причина е што пластичните рамки траат подолго и полесно се одржуваат. За разлика од мекото дрво, пластиката не скапува ниту, пак, треба да се премачкува поради заштита од елементи.
Засега се' е добро, но пластичните прозорци, исто така, имаат недостатоци. Еден недостаток е естетски. Тие не изгледаат толку добро како дрвените или металните рамки, всушност тие често пати изгледаат евтино и нападно. Другиот недостаток е еколошки. Како и повеќето пластични производи, ПВЦ- рамките не можат да се поправат доколку се скршат. Покрај тоа, во процесот на производство на ПВЦ се ослободуваат, како што истакнува еколошката група „Гринпис“, „некои од денешните најштетни индустриски загадувачи“, а тоа се случува и при нивното исфрлање, без оглед дали согоруваат или се фрлаат на депонии. „Гринпис“ побара ПВЦ-прозорците да бидат забранети и заменети со помалку штетни алтернативи, како што се одржливите дрвени рамки.
Со други зборови, прозорските ПВЦ-рамки котираат високо во однос на практичноста, но слабо во однос на еколошката одговорност. Тие и' припаѓаат на новата категорија предмети што се и модернистички сон и постмодернистички ноќен кошмар, бидејќи имаат многу квалитети потребни за „добар дизајн“ во минатиот век, но малку од одржливите вредности што се бараат во овој век. Повторно, се прави паралела со пластичните столови, кои се евтини, лесни, можат да се редат еден врз друг и лесно се чистат, но е невозможно да се поправат и ќе завршат на мочуришните депонии во децениите што претстојат. Потешко дека евтиниот пластичен стол може да се спаси, но постои надеж за пластичните прозорци. На еколошкиот фронт, наједноставно решение е произведувачите на рамки да ја заменат ПВЦ за помалку штетни видови пластика. „Гринпис“ се залага за употреба на пластика што се базира на полиолефин, како што се полиетилен и полипропилен, од причини што тие се почисти за производство и полесни за рециклирање. Некои компании веќе ја направија промената.
Дури постои надеж за пластичните прозорци в�� однос на естетиката. Иако е проблематична во други погледи, пластиката има фантастични скулпторски можности. Таа е еднакво приспособлива кога станува збор за бојата. Поради тоа поствоените дизајнери, како Вернер Пантон, ја сакале пластиката и таа се' уште им се допаѓа на нивните наследници, како што е Константин Грциќ, чиј пластичен стол МИТО е поздравен како современ еквивалент на познатиот стол на Пантон од 1959 година, во форма на буквата Ѕ. Нема причини зошто пластичните прозорски рамки не треба да бидат еднакво авантуристички ако - и тоа големо ако - архитектите и дизајнерите се чувствуваат наклонети да ги инвестираат своето време и енергија за да ги направат најдобрите. (Интернешенел хералд трибјун)
Дали биопластиката е замена
Една германска фирма понуди алтернативно решение, материјал што се добива од скроб од компири и од пченица
Пластичните ќеси не' опкружуваат. Но, пластиката е нездрава за животната средина, па многумина се обидуваат да пронајдат алтернативни решенија, барем кога станува збор за пакувањето прехранбени производи. Кога ќе се намести масата за типичниот германски појадок, по јадењето останува само куп смет: мноштво ќеси во кои било спакувано овошје, празна амбалажа од сирење, пакувања од салами и од паштети... Но, за тоа постои и алтернативно решение што го нуди германската фирма „Алеско“. Станува збор за материјал што би требало да биде практичен колку и нормалната пластична фолија, со таа разлика што овој материјал се добива од скроб од компири и од пченица. Би можеле да го наречеме биопластика.
„Во споредба со традиционалните материјали, биоматеријалите се трајни, дотолку повеќе што се обновуваат со природно растење на растенијата од кои се добиваат. Во принцип е можна и регенерација на биопластиката, така што таа може повторно да се употреби или, пак, да добие некоја друга намена. Таа не е во конкуренција со денешните суровини“, вели Штефан Рос, шеф на погонот на „Алекс“.
Биопластичната фолија се прави така што растителните отпадоци се разложуваат на купиштето растителен смет за седум до 12 недели, и тоа на вода, јаглерод диоксид и хумус. „Алеско“, освен биопластични ќеси, произведува и амбалажа за овошје и за зеленчук.
Дали е тоа начин за надминување на кризата со пластиката? Сојузната агенција за заштита на животната средина е скептична. Претставничката на оваа агенција, Кристијана Шнепел, вели дека би било подобро да се служи со стратегија на повеќекратно користење на амбалажата. „Подобро е една ќеса да се користи повеќе пати, отколку секој пат да се купува нова што по употреба се фрла. Од таквите ќеси нема еколошка корист дури и кога се разложуваат на сметот“.
Амбалажата од биопластика и така не може да го преплави пазарот. Барем не сега. Едноставно е прескапа. Три пати е поскапа од нормалната амбалажа. „Ние можеме да излеземе на пазар со соодветни производи, но како снабдувачи, во основа, сме зависни од она што купувачот ќе го нарача. Ако нарачува традиционални работи, ние му ги испорачуваме“, вели Штефан Рос.
Со пазарот, а и со сметот, уште долго ќе доминира традиционалната пластика. (Дојче веле) |