Ана Винтур
Уредничката на „Вог“ ја носеле на раце
Контроверзната и бескрупулозна Ана Винтур е тема на бројни озборувања од вработените во модната индустрија, кои со чисто срце се осмелуваат да проговорат за нејзините бизарни навики и односот со колегите. Американскиот експерт за мода и телевизиска личност, Тим Ган, напиша нова книга „Златните правила на Ган“, во која го опишува случајот кога озлогласената уредничка на „Вог“ им наредила на личните чувари да ја пренесуваат преку скалите, затоа што не сакала да влезе во лифтот.
„Видовме како ја носат Ана по скалите. Таа седеше на нивните прекрстени раце“, напиша Ган. „Претрчав до прозорецот за да видам дали ќе ја спуштат на плочникот или ќе ја однесат до автомобилот. Секако, ’робовите‘ ја внесоа во возилото. Помислив: ’Ова никогаш нема да го заборавам’“, пишува американскиот моден експерт. Чуварите на Ана ја носеле преку пет реда скалила, зашто не сакала да влезе в лифт, ниту имала желба да оди до автомобилот.
Нешто слично изведе и Наоми Кемпбел, која не сакаше да оди по скалите на промоцијата на својот парфем во Австралија. „Црната пантерка“ требаше да гостува на австралиската телевизија во 2000 година, но договореното гостување беше откажано. Наоми дознала дека лифтот се расипал и и' било претешко да помине два реда скалила, па го откажала своето пристигнување. |