Се давиме во капки алкохол
Во земјава има од 60 до 80 илјади регистрирани алкохоличари
Горан Адамовски
„Не мислам дека сум алкос. Пијам два-три пати неделно, обично во викенди, некогаш и преку недела ако има добар повод. Најмногу пијам вино или пиво, некогаш и жесток пијалак. Некогаш пијам за да се релаксирам, некогаш за да ми биде поубаво, а некогаш токму за да се напијам“, вака едно дваесетгодишно момче од Скопје раскажува за своите искуства со алкохолот. Како што вели, цело негово друштво пие алкохол, некој помалку - некој повеќе, бидејќи „денеска сите пијат“. Како што вели момчето, тие си имаат ритуал пред излегување во град.
„Во кафулињата едно мало пиво чини 100 денари, во кафеаните е поевтино, ама пак мораш да јадеш, па пак ќе потрошиш, а потоа треба да се префрлиш во кафуле или во дискотека. Затоа, пред да излеземе, ќе се собереме кај некој дома или некаде надвор, во парк, на пример, ќе си земеме пиење и така расположени одиме в град. Таму ти требаат само неколку пијалаци да се одржуваш“, вели студентот на архитектура.
Пиењето алкохол во земјава зема се' поголем замав. Она што уште повеќе загрижува е фактот дека со шишињата алкохол се дружат и ученици во основните училишта.
„Младите премногу пијат. Тоа е забележливо каде и да погледнете“, вели д-р Павлина Васкова од болницата во Бардовци. Забраната за точење алкохол на лица под 18 години ретко се извршува. Ако некоја продавница или кафуле одбијат да им продадат алкохол - секогаш ќе се најде некој возрасен што ќе им направи услуга на малолетниците.
„Државата не може да биде дежурен полицаец“, смета д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.
Според д-р Чибишев, иако „доволно е да минете по кафулињата и по кафеаните за да видите колку многу се пие“, сепак, барем во Клиниката за токсикологија бројот на лицата што добиле алкохолно труење е далеку помал во однос на минатото.
„Ако порано во просек имавме од 50 до 80 случаи на алкохолно труење во еден месец, сега таа бројка се движи меѓу 20-30 месечно. Обично, во петоците и во саботите имаме по два случаја, и по еден-два во текот на работната недела“, тврди директорот на Токсикологија. Според него, Законот за продажба на алкохолни пијалаци до 19 часот во зима, односно до 21 часот на лето, е најсилниот противудар во борбата со засилениот алкохолизам во земјава.
„Колку и да се подготвиш навреме, односно да купиш пиење додека продавниците продаваат алкохол, сепак, тоа не е тоа. Сосема поинаку е кога алкохолот ти е достапен во секое време, па тогаш се случува и да се претера со пиењето“, објаснува д-р Чибишев.
Со своите два милиона жители, Македонија има висок процент на зависници од алкохол. Четворица од 100 граѓани имаат проблем со пиењето, но голем е бројот и на оние што кријат дека се алкохоличари.
„Бројките се речиси идентични сиве овие години. Во земјава имаме од 60 до 80 илјади лица што се евидентирани како зависници од алкохол“, вели д-р Васкова.
Според неа, расте бројот и на жените-алкохоличарки. Домаќинки што останале без работа и во алкохолот гледаат спас за досадата, интелектуалки, професорки, лекари, директорки, се под постојан стрес и пијат рамо до рамо со своите машки колеги. Се' поголем е бројот на и девојчиња што посегнуваат по чашката, со образложение дека сакаат да се развеселат.
„На прв состанок со едно девојче јас нарачав коњак, а таа кока-кола. § реков повторно да нарача, демек да ја охрабрам да се напие алкохол. Во почетокот не сакаше, но подоцна конечно побара ‘Б-52‘. Се усрамив, бидејќи не знаев дека тоа било некој вид коктел“, вели низ смеа студент од Скопје.
Алкохолизмот е причина за дел од сообраќајките, кои годишно одземаат околу 180 животи. Експертите укажуваат дека неретко алкохолизмот ги повлекува и другите пороци - пред се', употребата на дрога.
Павлина Васкова
„Младите премногу пијат. Тоа е забележливо каде и да погледнете. расте бројот и на жените-алкохоличарки. Домаќинки што останале без работа и во алкохолот гледаат спас за досадата, интелектуалки, професорки, лекари, директорки, се под постојан стрес и пијат рамо до рамо со своите машки колеги“, вели д-р Павлина Васкова од болницата во Бардовци
Андон Чибишев
„Законот за продажба на алкохолни пијалаци до 19 часот во зима, односно до 21 часот на лето, е најсилниот противудар во борбата со засилениот алкохолизам во земјава. Но, во Клиниката за токсикологија бројот на лицата што добиле алкохолно труење е далеку помал во однос на минатото“, тврди директорот на Токсикологија, Андон Чибишев |