Тодоровски си бара заменик преку јавен повик
Советот реагира дека на овој начин градоначалникот го крши законот и ги навредува советниците
Градоначалникот на Аеродром, Кирил Тодоровски, преку јавен повик до членовите на Советот си бара заменик. Иако во Законот за локална самоуправа јасно е наведено дека градоначалникот определува кој од членовите на Советот ќе го заменува во случаи на спреченост, вчера од Тодоровски не добивме одговор зошто на ваков начин бара своја замена.
Повикот, што го испратил вчера до претседателот на Советот, деновиве дури јавно ќе го објавел и во дневните весници.
„Тодоровски влегува од една во друга грешка. Законот е категоричен и нема советниците да се пријавуваат за заменик-градоначалник, ниту пак градоначалникот да врши интервјуа. Како во секоја нормална општина, тој треба сам да именува заменик, а Советот само да биде информиран“, реагира Мирослав Недески, координатор на советничката група на СДСМ, посочувајќи го потегот како доказ дека Тодоровски го прекршил и Статутот на општината, односно не го испочитувал членот со кој е утврдено дека градоначалникот е должен во рок од 60 дена од денот на преземањето на функцијата да определи свој заменик од редовите на Советот.
Со ова се согласува и претседателот на Советот, Сашо Петковски, кој потенцира дека градоначалникот со распишувањето на јавниот повик грубо го крши законот, а истовремено со објавата на општи и посебни услови кои би требало да ги исполнува неговиот заменик врши директна навреда на сите советници.
Инаку, во јавниот повик, Тодоровски навел десет услови кои би требало да ги исполнуваат кандидатите за заменичката функција. Покрај образована, мотивирана личност, која солидно го владее англискиот јазик и компјутерите, а има и познавања од законската регулатива што ја тангира локалната самоуправа, кандидатот за заменик треба да исполнува и шест посебни услови: да има визија и изработена програма за работа, да има капацитет за работа на одговорна функција, да има дадено посебен придонес за развојот на општината и да нема направено никаква штета на општината со своето дејствување. (Дс.Т.) |