МВР истражува дали децата се грабнати
Полициската потрага по исчезнатите деца продолжува со несмален интензитет, велат од МВР. Министерката Гордана Јанкулоска вчера изјави дека „МВР не отфрла ниту едно можно сценарио или алтернатива, вклучувајќи ја и можноста за трговија со деца или со органи“. Сепак, според неа, засега нема ниту еден индикатор што би водел во насока за можност од постоење криминална група што се занимава со трговија со деца.
„Не би можеле да дадеме квалификација за кривично дело без притоа да бидат обезбедени докази што поткрепуваат едно вакво тврдење. Тоа значи дека продолжуваме со несмален интензитет и на теренот, но и со дејства што се одвиваат на стручно ниво“, изјави Јанкулоска. Според неа, сите случаи на исчезнати деца потекнуваат од рурални средини, каде што нема инфстраструктура, што ја отежнува истрагата.
Освен по двете деца од Куманово, полицијата трага и по осумгодишниот Митат Ибраими од скопското село Средно Коњаре, кој исчезна пред неколку недели во близина на семејниот дом. (Г.А.) |