27.03.2009, 15:46 Ќе остане ли Карпош левичарски?
По првата рунда води Јакимовски со околу 3.000 гласа, но мнозинството во Советот го има ВМРО-ДПМНЕ
Деспина Трајковска
Ќе „падне“ ли, по долги години, Општина Карпош во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, или, сепак, ќе остане бастион на левицата? Граѓаните за една недела ќе пресудат дали во наредните четири години во градоначалничката фотелја ќе седне фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Димиќ, актуелен в.д. градоначалник, или старо-новиот кандидат на опозицијата, од редовите на ЛДП, Стевче Јакимовски, кој „ужива“ поддршка од СДСМ и НСДП.
Првата рунда Јакимовски ја помина поуспешно од неговиот противкандидат, со предност од околу 3.000 гласа. Во изборот за советници, пак, карпошовци повеќе доверба и' дадоа на владејачката партија. Така, засега мнозинството е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кои добија 10 члена во Советот, еден помалку има СДСМ, а по еден советник ќе имаат и ЛДП и ВМРО-Народна партија. Во Советот ќе седат и двајца советници од независната листа на Мила Искреновиќ. Токму околу пет илјади гласа што ги доби таа од граѓаните како нивен избор за градоначалник, се чини ги поматија сметките на двајцата најголеми фаворита во првиот изборен круг.
Од изборните штабови не сакаат да калкулираат и прогнозираат дали сега симпатизерите на Искреновиќ ќе најдат своја опција во Димиќ и Јакимовски, па така, токму нивните гласови ќе пресудат кој ќе раководи со Карпош во наредните четири години.
„Нема сомнение, тоа ќе бидам јас. Убеден сум дека по некој ден ќе се вратам во старата канцеларија. Очекувам победа и покрај енормните медиумски притисоци и блокади, фабрикувани конструкции, неосновани гнасни обвинувања од противничкиот табор“, горделиво ни изјави Стевчо Јакимовски, кој додава дека има сили и знаење да премине преку сите „сопки“ што му ги подметнува владејачката партија. „Згора на се', вели тој, неговото мото од првиот круг ’Ваш сосед и пријател‘ не е само фраза туку реалност и предност за мене“.
„Карпошовци добро ме познаваат и како личност и како работник. Ги знам проблемите со кои се соочуваат и што им е потребно за подобро секојдневје“, додава Јакимовски, кој првите работни денови, вели, ќе ги потроши на реорганизација на администрацијата оти разбрал дека Димиќ само за неколку месеци „свесно измешал баби и жаби, унапредувал нестручни луѓе, професионалците ги маргинализирал и сето тоа водејќи се по партиска линија“.
Политичката определба на советниците не го обесхрабрува Јакимовски во неопходната координација со тој орган, имајќи предвид дека таму мнозинството, засега, е кај противничкиот табор.
„Советот речиси е жива материја, постојат можности за коалицирање и, условно речено, превласт. Сепак, на работите не гледам од таа страна. Таму сите, па и јас од функцијата градоначалник ќе се раководам од интересите на граѓаните“, вели Јакимовски, убеден во кохабитацијата со Советот, особено што се декларира како совесен тимски играч.
Дали такви способности има и Димиќ, кои се неговите очекувања од вториот изборен круг, како коментира на обвинувањата за мешањето „баби и жаби во општината“, вчера не успеавме да дознаеме. Сашо Димиќ, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, не одговараше на телефонските повици. Да одговори на јавувањата не помогна ниту молбата преку СМС-порака.
Од она што е познато, Сашо Димиќ е актуелен в.д. градоначалник на Карпош кој на челната функција во општината седна откако Андреј Петров се избори за влез во Собранието. За вршител на должноста беше избран од мнозинството на Советот во кој стана член благодарение на Мила Искреновиќ, на чија листа се наоѓаше на претходните локални избори. Пред да влезе во локалната политика, и тоа како непартиска личност, се занимавал со приватен бизнис. |