Мислења
Индијанците собираат дрва
Јосиф Ќурчиев
Подобро ни е нам што останавме дома, отколку на оние што заминаа на одмор. Нам ни минува само животот, а ним и животот и годишниот одмор (Д. Радовиќ)
БЕЗ РАКАВИЦИ
Во овие денови, кога живата во термометарот е постојано над 30 степени, односно многу поблиску до 40, можеби најгледаната рубрика на телевизиите е токму прочуената „Прогноза за времето“. Ми се чини, од муабетите со роднините, соседите, пријателите и со драгите луѓе, дека рејтингот на гледаност на овие минути ги надминува и кавгите во парламентот, и разните спектакуларни апсења, и состојбата на буџетот, и разните други рејтинзи, или што да е друго важно. Едно, сепак, не ми е јасно: како на различни телевизии се соопштуваат и различни температури и прогнози за наредните денови - некои повисоки, други пониски, иако, или барем се надевам, изворот на информации за тоа е единствен и се наоѓа на Зајчев Рид до Скопје. Оттаму, пак, секогаш се соопштуваат за два-три степени пониски температури: лесно им е ним на простор кој колку-толку е на „провев“. Да ги видам овде во градски амбиент. Но, и за тоа има решение: или Зајчев Рид да се пресели во Скопје или Скопје да го преселиме на Зајчев Рид! Ќе биде поиздржливо. Во секој случај, им благодарам на оние што соопштуваат пониски бројки, па сум релативно мирен барем до практичното соочување со жештината на асфалтот и бетонираното Скопје во кое едвај може да се најде сенка од некое дрво. Еден западен метеоролог во една пригода искрено соопшти дека неговата наука може да прогнозира со голема сигурност најмногу до 48 часа, евентуално до 72. Се' над тоа е само шпекулативно очекување. Но, има луѓе што сакаат отсега да знаат, на пример, каква ќе биде наредната зима. Познат е случајот - не го сфаќајте воопшто сериозно - на еден врач во индијанско племе кој, за да не ја изгуби работата, се обратил до стручњаци во метеоролошка станица.
Да почнам по ред. Летото завршило, дошла есента и поглавицата го повикал врачот да открие каква ќе биде зимата. Овој веднаш се фатил за работа и ги фрлил своите врачарски камења, кои се наместиле така што тој протолкувал дека зимата ќе биде „кочан“, па веднаш тоа му го соопштил на поглавицата. Главата на племето издава наредба да се соберат колку е можно ��овеќе дрва. Така се случило, ама од острата зима ни трага. Го повикал повторно врачот и му рекол следниот пат подобро да ја протолкува „петкамен“ - игра што ја играа децата во времето кога немаше компјутери и „Фејсбук“. Врачот следниот пат не брзал многу, туку студиозно го следел распоредот на камчињата и дошол до истиот заклучок како претходната година: зимата ќе биде „кочан“. И повторно Индијанците собирале дрва, и повторно зимата била блага. Третиот пат - исто... Четвртиот пат, поглавицата му се заканил на врачот дека ќе го расчини ако не каже точно каква зима ќе им се случи. Видел-невидел, врачот облекол „цивилен костум“ и се упатил до релативно блиската метеоролошка станица за да ја праша „науката“ со сите нејзини сателитски снимки и компјутерски обработки на податоците. И гледај чудо: тие му рекле дека зимата што доаѓа ќе биде ужасна - „кочан“, брате. Врачот побарал доказ за да може пред поглавицата да го оправда повторното собирање дрва, кои и онака веќе ги имале многу од претходните години, а и работата повторно да не излезе чурук. Добил неочекуван, фрапантен одговор на прашањето: „Од каде знаете дека ќе биде така?“ „Слушај човеку“, му одговориле. „А, бре ова Индијанциве веќе три години собираат дрва! Што мислиш, зошто?“
Да не се разбереме погрешно. Верувам многу во вистинската наука и нејзините резултати, откритија, докази и претпоставки базирани врз факти, но не верувам во нивна комерцијализација и злоупотреба, особено ако во нив се вмешува, што мислите - кој? Па, политиката, се разбира. Во овие жешки денови, кога на ТВ ни сервираат вести за поројни дождови и поплави, за снег на Андите и во Австралија и дека температурата таму паднала на исклучително ниско ниво, кога се тврди дека првите шест месеци од оваа година биле најтоплите во не знам колку години наназад, се сетив на предупредувањата што сочно и „политички коректно“ ги изнесуваше поранешниот американски потпретседател Ал Гор. Небаре дојде судниот час, па згора на тоа, за неговиот активизам беше добил и Нобелова награда, настан од кој уште малку ќе минат две години. Човекот ни го прикажа филмот, ја зеде наградата и... го нема исто толку време. Всушност, уште тогаш науката упати сериозни забелешки на изнесените факти како нелогични и ненаучно фундирани. Ама, комитетот реши и Ал Гор со неговите стана нобеловец. Според мене, тој, како неспорно вешт говорник и политичар, реши да излезе од сенката, по сомнителниот пораз на претседателските избори од Џорџ Буш јуниор и се зафати со друга дејност. Велам дејност, зашто и битката со климатските промени стана вносен бизнис.
На пример: исклучително брзите и луксузно опремени возови ИЦЕ во Германија располагаат со клима-уреди кои функционирале, замислете, само до надворешна температура од плус 32 степена. Арно ама, тој ден возот на релацијата Берлин - Келн го зафатија 38 степени! Климата се исклучи, па над 70 патници се нашле во замка. Возот брза со околу 250 км на час, прозорците херметички се затворени, почнува потење, главоболки, нагон за повраќање, паника. Некои се обидуваат и успеваат да ги искршат прозорците за да влезе воздух, четириесетина патници на првата наредна станица добиваат медицинска помош и имаат намера да ја тужат Дојче бан. Неколку дена подоцна, една нивна телевизија направи експеримент со вагон многу сличен на овие нашиве, значи, без клима-уред и со затворени прозорци, со десетмина доброволци, врзани со разни кабли за неколку апарати што им мереа притисок, работа на срцето и друго, за медицински да се покаже што се случува кога внатрешната температура достигнува до 60 степени, како во спомнатиот воз. Неколкумина издржаа само 15 минути, други половина час, а само тројца околу еден час, но лекарот го прекина експериментот поради опасноста по нивното здравје. И сега? Дојче бан ќе мора да инсталира нови клима-уреди што ќе поднесуваат и над 40 степени надворешна температура. Од кого да се купат и по која цена? Тендер, се разбира, пари, секако, плус и за тужбата што ја најавија оштетените патници за „динстувањето“ што им беше приредено, иако „климатските промени не се нов феномен, освен можеби за Дојче бан за кого температури од над 32 степена, што и не е некој посебно амбициозен максимум, очигледно беа изненадување“, како што напиша угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, обвинувајќи ја фирмата за долгогодишно неинвестирање во модернизацијата на железницата.
Во нашите „сите два-три воза“ ниту има ниту во догледна иднина ќе има клима-уреди, подеднакво како и во автобусите, градски или меѓуград��ки, сеедно, ама барем прозорците можат да се отворат, освен ако некому не му пречи провев! Ќе се задушуваме во жештината и во миризбата што се шири - или возете се само во саботите кога многумина од патниците, сепак, се искапени и со чиста „промена“!
П.С. „Не се распрашувајте за температурата ниту за воздушниот притисок. Не е здрава секоја вистина. На лагата нозете и' се нешто покуси, ама барем има убава глава“. (Душко Радовиќ) Колку сме баксузи. Кај нас и главата на лагата и' е грда!
(Авторот е новинар) |