Црни сенки на специјалните врски на Британија и на САД
Ослободувањето на „бомбашот од Локерби“ и еколошката катастрофа на БП ги стави блиските сојузници на друг колосек
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Британскиот премиер Дејвид Камерон отиде во Вашингтон, во својата прва официјална посета на САД за да им даде нов печат на традиционално мошне блиските врски меѓу Велика Британија и САД, но се најде целосно фрлен во големата сенка што на односите го фрлија прво еколошката катастрофа во Мексиканскиот Залив што ја предизвика британската нафтена компанија БП, а потоа и истрагата што влијателната сенатска комисија за надворешни работи ја поднесе околу ослободувањето на Либиецот Абдел Басет ал-Меграхи и (наводните) врски на компанијата со неговото пуштање од затвор.
Четворица американски сенатори ја обвинија БП дека притискала врз британската влада за да биде ослободен „бомбашот од Локерби“ за да може компанијата да ја добие големата зделка за дупчење и експлоатација на нафта во заливот Сидра во Либија. Уште пред Камерон да тргне на пат, БП ги отфрли таквите обвинувања, објаснувајќи дека таа лобирала само за да се побрза со британско-либиска спогодба за размена на затвореници, потпишана во 2007 година, но дека нема ништо со пуштањето на Ал-Меграхи од затвор во август 2009 година. Веднаш потоа уследи и реакцијата на британската амбасада во Вашингтон, која ја пренесе новата позиција на владата во Лондон за тоа дека ослободувањето на Либиецот е „целосно погрешно решение“, но дека нафтената компанија нема никаква улога во сето тоа.
Во таква атмосфера Камерон зборуваше во Белата куќа со претседателот Барак Обама цели три часа околу ситуацијата во Авганистан, за Иран, како и за глобалната економија и длабоките несогласувања меѓу ЕУ и САД околу општите мерки за стабилизацијата на светската економија. Двете страни велат дека се спогодиле за сите прашања, но она што се покажа дека било најважно биле разговорите околу БП. Двајцата политички лидери се согласиле оти компанија ќе ја плати цената за хаваријата на својата платформа близу јужниот брег на САД, но дека не треба да се дозволи таа да се турне на колена. Дури и за богат и моќен нафташ, каков што е БП, штета од дваесетина милијарди долари е голема пара, особено што поради острите лекции од Обама и најавите на некои (американски) компании дека би можеле да ја преземат БП, се преполови вредноста на нејзините акции на берзата. Заканата од крах на компанијата го исплаши Лондон, па од овде беше побарано да се престане со „воинствената реторика“ на Вашингтон.
Тоа и придонесе наместо за визијата на идните односи меѓу Британија и САД како што сакаше да го направи тоа Камерон, тој со Американците во Вашингтон беше постојано ставен во дефанзива. Во Лондон прво се објави дека британскиот премиер нема време за средба со гневните сенатори, а десетина часови подоцна Даунинг стрит мораше да го преправа претходното соопштени, откако наеднаш се најде време за средбата. На прес-конференција во Белата кука, Камерон рече дека нема потреба од јавна истрага во Британија околу минатогодишното пуштање на Ал-Меграхи од затвор, затоа што направената грешка е очигледна, но по приватната средба со сенаторите, тие се пофалија дека Британецот, сепак, ја оставил вратата за можна истрага отворена. Камерон во разговорот со Обама уште рекол дека БП треба да ја објасни својата евентуална вмешаност во ослободувањето на „бомбашот од Локерби“, притоа инсистирајќи дека Американците треба да ја разделуваат одговорноста на компанијата за еколошката катастрофа, од случајот Ал Меграхи. Ваквата формулација на премиерот е различна од објаснувањето на амбасадорот што во Лондон беше прикажана како нова позиција на британската влада, спротивна од онаа што ја бранеа лабуристите и Гордон Браун.
Тие тврдеа дека пуштањето од затвор на Либиецот е одлука во надлежност на шкотските правосудни власти, на кои владата во Лондон не може да влијае. Обама сега му рекол на Камерон дека американската јавност била разочарана и гневна на таквата правда, забележувајќи дека „во САД терористи и масовни убијци не се ослободуваат“. Осудата на Камерон и на Обама на решението на владата во Единбург од пред 11 месеци предизвика налутена реакција кај шкотските власти, па првиот министер на Шкотска. Алекс Салмонд изјави дека на ослободениот Либиец во САД се сетија откако се случи хаваријата во Мексиканскиот Залив, а БП се стави на тапет поради тешката хаварија. Тој смета дека „нема грешка во пуштањето од затвор на Либиецот“, затоа што одлуката била заснована на медицинска и лекарска експертиза од врвни стручњаци на кои и сега им се верува. Иако Ал-Меграхи е се' уште жив, 11 месеци по излегувањето од глазговскиот затвор, тој е на смрт болен човек од рак на простатата и не е оздравен“, изјави Салмонд.
Ал-Меграхи беше осуден на доживотен затвор за учеството во заговорот со соборувањето на американскиот патнички авион кој се урна над шкотското село Локерби. Во терористичкиот напад од декември 1988 година, загинаа 270 луѓе, најголемиот број Американци. Целата работа околу затворањето на овој случај и изведувањето на виновните Либијци на суд, после една деценија од настанот, ја изведе администрацијата на поранешниот претседател Бил Клинтон, откако САД издејствуваа со посредување на ОН, Либија да им исплати на роднините на жртвите по 10 милиони долари, без разлика што правно нема да ја презема одговорноста за терористичкиот напад. За возврат, договорено е на Либија да и' се помогне да се врати во меѓународната заедница.
Камерон сега вели дека како тогашен лидер на опозицијата малку знае што се случувало околу Ал-Меграхи, но настојувајќи да не дојде до натамошно расипување на „специјалните врски“ со САД, сега кога тој е премиер, се одлучи да биде прагматичен и да тврди дека тоа што е направено со пуштањето на Либиецот од затвор, е грешка. Обама, пак, кој уште како кандидат за претседател , не криеше дека ништо не му значат таквите врски меѓу двете земји. Некои лондонски аналитичари, меѓутоа, и натаму се убедени дека американскиот претседател нема посебни симпатии ниту кон Велика Британија ниту кон ЕУ.
|