Мислења
Метафора со сарказам за капетанот на еден брод
Мимоза Ристова Потонатиот „Илинден“ е метафора за состојбата во Македонија. По нашиот „Титаник“, имам чувство дека тонеме, додека капетанот глуми дека цврсто го држи кормилото
Минатата колумна, онаа за шесткатницата на плоштадот „Македонија“, ја обоив со иронија и сарказам, па имаше луѓе што разбрале се' наопаку. Помислив да земам да пишувам експлицитно и без стилски фигури, ама, пак, моите пријатели ќе се разочараат. Затоа решив да терам по старо, но да ги предупредам оние што не знаат, ова подолу е пишувано во стил на англиска иронија и еврејски сарказам на тема МАКЕДОНСКИ ИДИОТИЗАМ.
Нема да пишувам сарказамчиња за Охридон и за неговите капетани, оти ме фаќа јанѕа по погибелот на 15 бугарски туристи. За мене сликата на она свето езеро се испогани. Постот ми се омрси. Премногу мртво човечко месо во таа бистра, чиста и посна вода. Премногу жртви на една недоветна државна администрација поради која јас лично доживувам милиони срамови. Срамови поради алчноста на поединците (во случајот, капетанчето на „Илинден“), поради непотизмот и намерното замижување на Капетанијата пред секојдневното претоварување на бродовите како форма на неискоренлива корупција во оваа мала земја во која сите се роднини, сватови и братучеди. Срамови поради неспособност на една држава да казнува и да воспоставува ред и поредок од повисок облик на организација отколку онаа што ја имаат мравките во своите општества. Срам поради фарсата со отповикливоста на оставката на министерот Миле. Срамот кулминираше до меѓународни димензии кога ги видов вестите на една нападна репортерка од една нападна србофилска телевизија. Односната репортерка му се пикна на бугарскиот претседател Прванов, кој штотуку пристигна на охридскиот аеродром, со прашањето дали можеби не треба одговорноста да се бара во бугарската агенцијата, која не ги прашала своите клиенти дали знаат да пливаат. Па, искрено, во тој момент да имав мобилен телефон од познатата новинарка, веднаш ќе и' се јавев за да ја прашам: „Извинете преслатка госпоѓице, а дали сте се возеле во авион?“ „Да“, ќе ми одговореше таа, гарант. „Е, кога сте се возеле последниот пат, дали капетанот на авионот ве праша дали знаете да летате?“, ќе продолжев јас. „Не“, ќе ми одговореше момата.
„Е, па, како, бе, госпоѓице сакавте бугарскиот агент да ги испрашува дали пливаат, а потоа да ги исфрли од турата оние што не знаат? А?“
Луѓето во светот, па според тоа, и во оваа земја, без оглед на припадноста и на вештините и спортовите што ги владеат, имаат право на сите видови јавен сообраќај. А, компанијата-превозник е должна за сите мерки на безбедност на сите патници (вклучувајќи и стари и снемоштени, бебиња, деца, болни и хендикепирани). Во спротивно, хендикепираните параплегичари и квадриплегичари ќе немаа право да се возат ниту во автобус или воз, оти во случај на несреќа, ќе треба да го продолжат патот пеш, а тие не го можат тоа. Значи, новинарката заслужува казна ОТКАЗ, кој нема да го добие во случај на швалеризам (изведена именка од непотизам) со главниот уредник. Тој ќе ја заштити и ќе ја охрабри во наметливоста да му се втурне и на следниот државник што ќе дојде во Македонија да си ги собира телата на унесреќените.
Благодарение на несреќата со бродот „Илинден“, сега ќе можеме да си ја класифицираме земјава во слични на неа, за што се потребни многу мали истражувања. Моите претраги на Интернет ми помогнаа да дојдам до податоци за други слични бродски несреќи во 2009 година со смртен исход, слични на нашана со бродот „Илинден“. Еве на што се сведе: брод потонал во близината на Банког (еден умрен од 59 спасени патници). Причината била претовареност на бродот. Во една река во Виетнам потонал брод. Исходот е - 40 лица се удавиле. Причина, претовареност. Во индонезиската река Калимантан 17 удавени од вкупно 140 патници. Причина, претовареност. Има и понови вести за потонати бродови во западниот свет, во Америка и во Велика Британија, но се кажува дека сите патници биле спасени. Сите до еден. Авионот што принудно слета во Ист Ривер во Њујорк, видовме дека сите беа спасени, едноставно нема жртви. И потоа се лутиме што не не' примаат во Европската унија. А, бе, луѓе, не чиниме за во Европа. Еве ја нашата група земји: Тајланд, Индонезија, Виетнам. Си излезе сама групата, не дека јас намерно ги именував.
Несреќи се случуваат и бродовите едноставно тонат. Но, зошто никој од западните потонати бродови не се удавил? Па, како ќе се удават кога сите патници, дури и оние што пловат на најкратките релации (оние од по 10 минути пловидба) добиваат инструкции како во авион, за наоѓање и облекување на спасителното елече, како и за свирење со свирчето за повикување помош во темница или намалена видливост.
И не зборувам повеќе за срамот од потонатиот брод за да ставам миродија на манџата, веќе преварена, дигестирана и метаболизирана во читателските стомаци, туку за да им предочам на читателите дека сликата на тонењето на бродот во мојата глава се избистри во метафоричната слика за тонењето на целава држава. Потонатиот „Илинден“ е метафора за состојбата во Македонија. По нашиот „Титаник“ („Илинден“), имам чувство дека сигурно тонеме, додека КАПЕТАНОТ се преправа како да не е ништо, глуми дека цврсто држи кормило. А, всушност, кормилото е откорнато, та тој држи стиснати тупаници во воздух и гласно брмчи со устата за да произведе звук на движење. Капетанот дури толку успешно глуми дека го има кормилото в раце што дури и стаорците се колебаат. Наместо први да побегнат, тие седат под палубата и мирно ја чекаат хаваријата. Момците од екипажот веќе се во агонија и почнуваат да им се привидуваат охридски сирени. Некои од нив сакаат да се спасуваат, но капетанот им ги скрил помошните чамци. Во бродскиот дневник тој запишал дека на бродот има доволно брашно и кисела зелка, а всушност на бродот останале само неколку шишенца „вијагра“ и антидепресиви. Еден од членовите на екипажот побарал да весла и полека да доплови до големото пристаниште, но капетанот му ги зел веслата и од нив да направи крст како за распнување на Исус од Назарет. Друг член од екипажот побарал да ги кренат едрата и да ги напнат за да отпловат на запад, во правецот на поволниот ветер, но капетанот го грабнал едрото и им соопштил дека од него ќе сошие нови прекривки за маса за свечени ручеци. И така, на крајот, половината од морнарите се фрлиле во водата и самите се удавиле, а другата половина потонале гордо, заедно со гордиот капетан.
(Авторката е професорка
на Природно-математички факултет) |