ЕЛЕМ ремонтира централи, езерото Матка се уништува
Моментна состојба или на повидок е еколошка катастрофа од големи размери
Маја Томиќ Сања Наумовска
Глетката на езерото Матка од почетокот на месецов е страшна. Драстично е намалено нивото на водата, која ја има во мали количества. Голи дрвја, чамци и смет стрчат во калливото корито на езерото, кое до неодамна беше полно со вода. Освен тоа што на Матка функционира хидроцентрала, местото претставува и катче за рекреација на граѓаните, а важи и за туристичка и излетничка дестинација. Во кањонот на Матка, меѓу другото, има и десет пештери, кои се вистинска атракција за домашните и за странските туристи.
Причина за грдата слика на Матка се градежните зафати, кои Електрани на Македонија, ЕЛЕМ, ги извршуваа во изминатиов период на хидроцентралата „Козјак“. Затоа потребните количества вода за работење на ХЕЦ „Матка“ се сведени на минимум. Такви се официјалните објаснувања, кои од оваа компанија се пласираа во јавноста минатата седмица.
Неофицијално, пак, дознаваме дека, всушност, главна причина за оваа состојба со водостојот на езерото е ремонтот што ЕЛЕМ го прави на двата (нови) генератора на ХЕЦ „Козјак“. Инаку, најновата хидроцентрала во земјава е пуштена во работа пред пет години. Исто така, неофицијално, дознаваме дека ЕЛЕМ ја искористил таа ситуација за да направи некои дополнителни, непланирани зафати и на ХЕЦ „Света Петка“, централата на реката Треска, која словенечката „Рико“ ја гради повеќе од три години.
Од ЕЛЕМ вчера не беа во состојба да дадат детаљни информации дали тоа е точно и до кога ќе трае оваа состојба. Очигледно, поради големиот интерес кај медиумите за денеска е најавена прес-конференција на која ќе ги соопштат сите детали околу немилата ситуација.
ЕЛЕМ веќе информира дека причината за застојот на дотокот на вода во езерото биле редовните ремонтни активности врз хидроцентралата „Козјак“, како и дека пред почетокот на поправките на хидроцентралата, биле информирани сите релевантни институции. „ЕВН Македонија“, која раководи со ХЕЦ „Матка“, е една од нив. Од ЕВН изјавија дека биле запознати од страна на ЕЛЕМ за намалувањето на дотоците на вода. Инаку, додека трае санацијата од страна на ЕЛЕМ, велат во ЕВН, тој период ќе се искористи за да се направат помали технички зафати на ХЕЦ „Матка“.
Сепак, поради драстично намаленото ниво на водата постои опасност од загрозување на живиот и на растителниот свет, во и околу езерото. За тоа веќе реагираа некои еколошки организации, кои рекоа дека ќе поднесат барање до Државниот инспекторат за животна средина, да излезе на лице место и да ја утврди фактичката состојба со водата. А, доколку се утврди дека има голема штети главните виновници да одговараат за тоа. Законските казни се од 20.000 до 100.000 евра.
И покрај градежните работи, кои моментно се актуелни и кои се причина нивото на водата во езерото да биде драстично намалено, според Инспекторатот за животна ср��дина, нема опасност за флората и за фауната во езерото и во околината.
„Во езерото Матка е задржан хидробиолошкиот минимум за опстанок на живиот свет“, тврди директорот на Инспекторатот, Фируз Мемет.
Според податоците на Инспекторатот, по направениот увид на состојбата на Матка, нивото на водата е над зацртаниот минимум неопходен за преживување на живиот свет. Од оваа институција тврдат дека редовно ги следат промените на состојбата во езерото и оти нема да дозволат да се случи катастрофа од кој било тип.
„Станува збор само за лоша слика, која ќе се поправи кога ќе завршат редовните ремонти. Нема закани за рибите и за растенијата, ниту, пак, има опасност од долгорочно деградирање на животната средина. Градежните работи се изведуваат во согласност со протоколот за соработка, кој во јули го потпишаа ХЕЦ ’Треска‘, ЕВН и изведувачот“, вели Мемет. |