Високата школа за мода и дизајн „Академија Италијана“ оваа година го слави 25. јубилеј од основањето. По тој повод, годинешната завршна манифестација на дипломските работи на студентите од академиите во Фиренца, Рим, Бангкок и од Скопје, претставена со изложба и модна ревија, ќе биде спектакуларна. Како и досега, ќе се одржи во Фиренца во текот на април. Потврдено е присуството на елитни гости од светот на модата и дизајнот, како што се Карла Фенди, Отавио и Росита Мисони, Андреа Бранзи и Алесанро Мендини.
Традиционално и оваа година, по четврти пат дизајните на студентите ќе ги носат и манекенките од најпознатите македонски модни агенции: од модното студио „Црнокрак“- 12 манекенки, од „Моделс ин“ - 8 , „Пантер моделс“ со 2 две манекенки и една манекенка од „Мак моделс“.
На кастингот што беше одржан во февруари учествуваа стотина девојки. Претседателот на „Академија Италијана“, Винченцо Џуба, одбра 23 манекенки. Македонските манекенки секоја година ја шармираат италијанската публика со својата убавина и професионалност. Повеќегодишната успешна соработка со модните агенции од Македонија го потврдува тоа.