Илјада хектари во Прилепско под вода
Жителите трпат огромни штети зашто им е поплавен родот
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Над 1.000 хектари земјоделско земјиште во атарите на прилепските села Чепигово, Тројкрсти, Пашино Рувци и Загорани се под вода. Жителите трпат огромни штети зашто, велат, поплавен им е целиот род, а сите семејства живеат исклучиво од земјоделство. Тврдат дека оваа слика се повторува секоја година и по два пати, дека постојано се жалат во локалната самоуправа, подрачното Министерство за земјоделство, но без успех. Мештаните обвинуваат дека ниту локалната самоуправа презема мерки трајно да го реши проблемот ниту Министерството води грижа за сиромашните, оштетени земјоделци, кои не ги зеле парите за отштета за поплавите минатата година.
Но, од локалната власт, односно од Регионалниот центар за справување со кризи ги демантираат нивните обвинувања. Велат дека причината за поплавите и за новонастанатите штети локалното население треба да ја бара кај себе, затоа што дел од жителите во овие села, поставените песочни брани ги растуриле, користејќи ја песокта за лични потреби. Сепак, велат, во соработка со Јавното водостопанско претпријатие, се преземаат активности да се санира ситуацијата што поскоро.
Борче ’Ртоски од селото Чепигово ќе претрпи штети од околу 15.000 евра, затоа што, вели, под вода се огромни површини што ги посеал со земјоделски култури.
„Ако 10 дена одредена култура стои во вода, таа ќе скапе, ќе изумре, според тоа, нема што да очекуваме и на што да се надеваме. Огромни се штетите што ги трпам јас како поединец, но и сите жителите на Чепигово и другите соседни села. Затоа што преку ноќ се создаде огромни езеро што го проголта нашиот труд“, се жали Ртоски.
Зоран Дебрешлиоски е негов соселанец. И тој е крајно револтиран зашто ниту локалната власт ниту подрачното Министерството за земјоделство не преземаат мерки да им помогнат. „Се жалиме, реагираме и никој нема слух за нашите проблеми. Ете лани што претрпивме, а каде се парите за отштета. Ниту некој се јавил ниту ни кажал, а пополнувавме некои формулари, наводно, пријавувавме штети од ланските поплави“, вели Дебрешлиоски.
За неколку часа водостојот на реката што минува низ селото толку се зголемил што жителите сега стравуваат дека водата може да им влезе во куќите, а дворовите и визбите на неколку семејства се веќе под вода.
„Ако продолжи да се зголемува водостојот, не е исклучено до крајот на денот да ми биде поплавена и куќата“, вели Зоран Трпкоски.
Наспроти овие реакции на жителите, од Регионалниот центар за управување со кризи и од Дирекцијата за заштита и спасување се надеваат дека ситуацијата ќе се стабилизира.
„Скинат е насипот на градската река кај Загорани. Бидејќи Чепигово се наоѓа пониско, таму водата се слива. Но, се надеваме дека до крајот на денот проблемот ќе биде саниран“, изјави Стеван Петрески од Дирекцијата за заштита и спасување.
И од Регионалниот центар истакнуваат дека месното население не треба несовесно да се однесува кон браните што се поставуваат.
Доколку мештаните не ги искраделе вреќите со песок што ги користеле за лични потреби, ќе била избегната ваква катастрофа, сметаат надлежните.
Што се однесува до поплавите што ја зафатија населбата Тризла во Прилеп во саботата, како што информираат од Комисијата за процена на штети, извршен е увид на теренот.
„Поплавите во Тризла предизвикаа незначителна штета. Поплавени се 5 куќи, а штетата се проценува на околу 6.000 евра. Семејствата се згрижени привремено на друго место додека повторно не се создадат услови за да се вратат во своите домови“, вели Мишко Ристески. Од општинскиот сектор за урбанизам п��тенцираат дека поплавените куќи се изградени на тој терен бесправно и тоа е причина за оваа несреќа.
„Жителите треба да внимаваат каде градат објекти, во иднина не треба во коритото на реката да градат објект за живеење. А, локалната самоуправа ги презема сите мерки за да го санира проблемот. Коритото на градската река се чисти постојано“, изјави Илија Карески, раководител на секторот.
Според општинската организација на СДСМ, пак, за поплавите најголема одговорност има локалната самоуправа. „Десет куќи беа поплавени поради неисчистениот канал на Дабничка Река, кој лани одзеде човечки живот. Во критичните моменти нашата партија цело време беше со ова население, им обезбедивме храна, ќебиња и облека. Единствено нашето присуство на самото место беше причина, владејачката ВМРО-ДПМНЕ по долго време да се појави пред Ромите“, велета од локалната СДСМ. |