Раотинчани дежураат на критичните места
Дома се влегува низ балкон, бидејќи дворовите се под вода
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Жителите на Раотинце, најпогоденото село од поплавите во Долни Полог, уште една ноќ поминаа без спиење. Тие будно ја следеа ситуацијата на најкритичните места по текот на Вардар стравувајќи за своите куќи и за другите објекти. Причината за ваквото однесување бил алармот што го дала Месната заедница, дека малку по 20 часот во неделата, Вардар значително се зголемил.
„Надојдените води се закануваа. Вардар сериозно предупреди дека треба да бидеме будни. Домашните низ балкон влегуваат во куќата бидејќи двориштето е под вода, а истото се случува и со приземните простории“, ни рече Душко Матовски, чија куќа е покрај левиот брег на Вардар, на сретсело во Раотинце.
Според Ќирко Масевски, претседател на МЗ „Раотинце“, вчера наутро Вардар малку опаднал или како што тој прецизираше бил со пет сантиметри пониско ниво од претходниот ден. „Водата прелива и во дворови, и преку асфалтните патишта и по ниви. Вчера извршивме увид низ целото село. Од 200 куќи, 60 се под вода. Значи, се зголемува бројот на поплавените куќи. Масевски смета дека Вардар надоаѓа и поради пуштањето води од Мавровското Езеро.
„Вардар има од 20 до 25 кубни метри во секунда сопствена вода, а уште 30-ина се од езерото. Иако од ЕЛЕМ не' убедуваа дека сега пуштаат само 16 кубни метри со кои во функција ставале само две турбини, овие количини што дотекуваат во Вардар се поголеми. Ова го тврдам поради фактот што повеќе од 24 часа нема нови врнежи, дотоците се смирија, освен оние што води што доаѓаат од Мавровско Езеро“, категоричен е Масевски. Тој уште еднаш потенцира дека вреќите со песок што се поставуваат покрај Вардар битно не влијаат врз ублажување на состојбата. „Единствено решение е реализација на проектот за регулација на коритото. Оние осум километри од Туденце до Раотинце претставуваат тесно грло и условуваат излевање на водите и пустошење по населбите и полето. За нив треба итно решение. Регулацијата на коритото на овој потег ќе има и многу други благодати, не само спас од поплави, а вложувањата од шест милиони евра многу брзо ќе се вратат“, додава Масевски.
Со остварување на проектот, коритото можело да прими 105 кубни метри вода во секунда. Сега Вардар се излева со нецели 50 кубни метри.
Жители на Раотинце и на соседните Копанце и Туденце велат дека не се обесштетени од претходните две поплави што ги зафатија трите населби во април и во мај годинава. „Сите ние прифаќаме парите да се искористат во регулацијата на коритото. Премиерот вети 20 милиони денари од буџетот за идната година. Тие средства и оние што значат констатирана штета од 19 милиони денари нека ги употребат за коритото. Нека се вложат разумно за да не' спасат од овие неволји“, велат жители на трите најпогодени полошки села. |