Вардар ќе ја поплави Грција?
Снежана Калабакова
Зголемениот водостој на реките во Полошкиот регион заедно со водите на реките Брегалница, Црна и Пчиња вчера максимално го зголемија нивото на реката Вардар, која кај Демир Капија го достигна својот максимум од 954 кубни метри во секунда. Поради енормното зголемување на нивото на водата, експертите сметаат дека е можно излевање и поплавување на повеќе површини низводно од Демир Капија до границата со Грција.
Во текот на вчерашниот ден од излевање реки, поплавени беа повеќе подрачја во Македонија. Под вода беа ливади, ораници, овоштарници, куќи, оштетени неколку мостови, а забележани се и одрони на камења. Од надојдениот Вардар завчера беа полавени куќи во Велес, а водата стаса и до меѓуградската автобуска станица. Надлежните институции преземаат мерки за санирање на штетите. Од Управата за хидрометеоролошки работи објаснуваат дека групирањето на водите од повеќе реки во Вардар се причина што брзината на вардарските води на одредени места достигнува и до 10 километри на час. Хидролозите смируваат дека од задутре нивото на реките ќе се спушта, а со оглед на најавата за спуштање и на надворешните температури, врнежите од дожд ќе престанат и на места ќе преминат во снег.
Од УХМР информираа дека вчераутро меѓу 8 и 10 часот количината на протокот на вода на Вардар кај Демир Капија изнесуваше 954 метри кубни во секунда. Оваа количина вода, најверојатно, ќе стигне и до селото Удово и до Гевгелија. Од Центарот за управување со кризи не ја исклучуваат можноста за излевање на Вардар и поплавување на површини, низводно до границата со Грција.
Брзите води на Вардар завчера напладне урнаа дел од мостот пред селото Ногаевци, а останаа отсечени 300 жители. Надојдените води на реката беа закана и за мостот во селото Уланци, кое, исто така, ќе останеше отсечено од Градско. Мостот беше спасен од надојдениот Вардар, бидејќи локалната власт навремено реагираше и со механизација ја чистеше водата од трупци, гранки и смет, кои секогаш претставуваат закана за старите мостовски столбови. Истовремено, локалната самоуправа побара итна помош од државата за санација на мостот во Ногаевци. Во текот на вчерашниот ден состојбата на реките се стабилизираше, а опаѓаше и нивото на Вардар по текот во Велес. Полека се повлекуваше и водата од населбите Шорка и Речани. Штетите што ги претрпеа градинарите се големи, а беа поплавени 20 хектари обработлива површина. Излевањето на Вардар целосно ги уништи раноградинарските култури, а и се' уште под вода се стотици викенд-куќи.
|