Силни групи за Кометал Ѓорче Петров и за Металург во ЛШ
Лазаров со трофејот за најголгетер покрај Видерер од ЕХФ
Ѓорчепетровки со Звезда Звенигород, со Ѓер и со квалификант, „металурзите“ со Кил, со Барса и со Драмен
Кометал Ѓорче Петров и Металург добија исклучително квалитетни противници во фазата по групи од Лигата на шампионите во двете конкуренции. Петочната ждрепка во „Скандинавиум арената“ во Гетеборг ги смести ѓорчепетровки во групата А заедно со бранителот на титулата Звезда Звенигород, со унгарски Ѓер и со победникот од квалификациската група во која се дански Икаст, романски Рулментул од Брашов, полски Лублин и вторпласираниот од групата од првото квалификациско коло, во која се Братислава, Мили Пијанго, Сасари и Брил. Натпреварите ќе се одиграат од 29 октомври до 18 јануари.
Групата Б ја сочинуваат Хипо Нидерестерајх, Елда Престижо, Будуќност Т-Мобиле и квалификант (Дунафер/Копенхаген/Мотор Запорожје). Во групата Ц се Лада Толјати, Ларвик, Олчим Валчеа и квалификант (Ичако Естрелја/Лајпциг/Подравка), а во групата Д Виборг, Крим Меркатор, Нирнберг и квалификант (Бјасен/Динамо Волгоград/Мец).
Ракометарите на Металург, пак, ако го елиминираат турскиот првак Измир во единственото квалификациско коло во првата половина од септември, ќе играат во групата Ц заедно со европскиот вицешампион Кил, со полуфиналистот Барселона и со норвешки Драмен. Во групата А се Целје Пивоварна Лашко, Шамбери, Хамарби и подобриот од Гранитас - Мешков. Група Б: Сиудад Реал, Свендборг, Босна и победникот од Дукас - Полва Сервити. Група Д: Копенхаген, Хамбург, Татран Прешов и победникот од Црвена звезда - Италгест Касарано. Група Е: Чеховски медведи, Цимос копер, Портланд Сан Антонио и подобриот од Стеауа - Сасја. Група Ф: Веспрем, Флензбург, Запорожје и подобриот од Сајпрус - Хаукар. Група Г: Монпелје, Адемар Леон, Амичитија и победникот од Бенфика - Брегенц. Група Х: ��роација осигурање, ПИК Сегед, Висла Плок и подобриот од Диделанж - Рајн Некар Левен. Натпреварите ќе се одиграат од 1 октомври до 23 ноември.
Лазаров го доби трофејот за најдобар стрелец
Кирил Лазаров на свеченоста во Гетеборг по вторпат во последните три години го доби трофејот наменет за најдобриот стрелец во ракометната Лига на шампионите. Десниот бек на Кроација осигурање и во сезоната 2007/2008 постигна 96 гола, колку и Олафур Стефансон од Сиудад Реал, но признанието отиде во рацете на капитенот на македонската репрезентација поради помалиот број мечеви од Исланѓанецот.
Покрај трофејот, на најуспешниот македонски ракометар на сите времиња му припадна и честа да ги извлече групите во ЛШ во двете конкуренции. (Р.Д.) |