Тодор Гечевски за нов потпис бара 350.000 евра од Задар
Управата на хрватскиот Задар, реши крајот на преговорите околу формирањето на новиот тим да го остави за евентуален договор со капитенот на тимот, македонскиот центар Тодор Гечевски. Челниците на оваа екипа веруваа дека четиригодишната беспрекорна соработка со македонскиот центар ќе биде одлична основа за лесен договор, меѓутоа очигледно дека нивните очекувања беа нереални. Имено, пред почетокот на преговорите со Гечевски, задраните ги дочека вистинска бомба, бидејќи македонскиот репрезентативец новата верност со клубот неофицијално ја услови со дебела финансиска подлога, односно 350.000 евра за нов параф со Задар.
„Мислам дека побарувањата на Гечевски се навистина преамбициозни, и ние во моментов за жал, не можеме да ги следиме. Не би сакал да шпекулирам со висината на средствата кои ги побара од нас Гечевски, меѓутоа тие се во граници од кои човек може само да го заболи главата. За волја на вистината, преговорите се' уште не завршија, меѓутоа побарувањата кои ни се ставени на маса, се навистина преголеми. Доколку пропаднат последните разговори, тогаш ќе побараме друго решение на центарската позиција, бидејќи Гечевски не е единствен квалитетен центар на светот“, изјави еден од највлијателните луѓе во управата на задраните, Јосип Ѓерѓа.
Сепак, се чини дека главната грешка дојде токму од таму, односно од челните луѓе на оваа екипа, кои пред почетокот на сезоната најавија дека во касата на клубот ќе влезат двојно повеќе пари. Сосема очекувано, и играчите на темелите на оваа информација си зедоа за право да си ги зголемат амбициите. |