За десет месеци, истретирани се над 1.000 улични кучиња
Од стационарот на Вардариште се посвоени педесетина млади бездомни кучиња
Во стационарот за бездомни кучиња на Вардариште, кој функционира веќе десет месеци, досега се истретирани 1.130 кучиња, а пак педесетина од нив се посвоени. Градските власти, кои заедно со ЈП „Комунална хигиена“ го спроведуваат проектот за фаќање и хумано третирање на уличните кучиња, информираат дека сите заловени единки биле прегледани од страна на ветеринарната служба. Здравите и млади кучиња биле подложени на третман за стерилизација, се прочистиле од паразити и потоа, обележани со жолто копче на увото, како знак дека се истретирани, биле вратени од заловеното место. Заболените и агресивни кучиња, пак, биле евтаназирани.
Од Градот информираат дека програмата што ја спроведуваат е под постојан мониторинг на стручни тимови од Британското кралско здружение. Инаку, според процените на ветеринарните стручњаци, на скопските улици има околу 6.000 бездомни кучиња, при што нестерилизираните единки се размножуваат со геометриска прогресија.
„Имајќи го предвид фактот дека Град Скопје и ЈП ‘Комунална хигиена‘ досега истретирале 1.130 кучиња, може да се констатира дека програмата за третман на бездомни животни дава позитивни резултати“, додаваат од Градот.
Оттаму информираат дека ЈП веќе работи на доопремување на уште еден тим за заловување на кучињата, а најавена е и една странска донација за купување на уште едно возило со кое ќе работи оваа служба. Надлежните истовремено апелираат до сите љубители на кучиња дека постои можност за посвојување на младите и здрави единки кои се третираат во стационарот. (Дс.Т.) |