Мајк Ли и Ли Чанг-Донг фаворити на критиката
За крај останаа Бушареб и Михалков, но „Златните палми“ се неизвесни во рацете на откачениот Тим Бартон
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
КАН - Годинава главната програма на Канскиот фестивал донесе многу послаби остварувања отколку програмата „Извесен поглед“ и филмовите што беа прикажани надвор од конкуренција. Иако и оваа година во главната програма има доста познати и потврдени авторски имиња, како и неколку поранешни лауреати, сепак, имаше повеќе разочарувања отколку остварувања што би го оправдале нивниот рејтинг и големите очекувања.
Од самиот почеток како најдобар се издвои филмот на британскиот режисер Мајк Ли „Уште една година“, кој остана на врвот на листата на критичарите речиси до самиот крај. Тоа не го изменија ни филмовите на Алехандро Гонзалес Инариту, ниту новите дела на Абас Киаростами, Такеши Китано и Бертран Таверние. Единствениот филм, кој во втората половина од фестивалот се искачи високо на листата, е корејскиот „Поезија“ на Ли Чанг-донг.
Мајк Ли досега во Кан има освоено награда за режија за „Соголени“ и „Златна палма“ за „Тајни и лаги“. Што ќе се случи годинава, останува прашање, особено ако се знае дека жирито го предводи Тим Бартон, кој, секако, сака поинаков вид естетика од онаа на Мајк Ли. „Уште една година“ е типичен британски филм, кој многу едноставно и реалистично раскажува една обична приказна за животот, за нашите компромиси со него, за соочувањето со староста и со изневерените очекувања. Филмот е мајсторски воден, со луцидни дијалози, силен и бескомпромисен.
Алехандро Гонзалес Инариту, од кого по „Вавилон“ сите очекуваа многу, некако ја подели публиката. Неговиот нов филм „Убавина“ (кој, всушност, напишан поинаку повеќе би значел „извртена убавина“) беше оценет и како разочарување, но од друга страна, и примен со воодушевување. „Убавина“ му е прв филм на Инариту каде што сценариото не го потпишува Гилјермо Ариага, и тоа се чувствува. Главната улога маестрално ја игра Хавиер Бардем и иако филмот е солиден, со добро заокружени ликови, сепак, тој е многу помалку комплексен од претходникот, раскажан на едно ниво и не ја постигнува онаа универзалност и длабочина на која претендира.
Уште еден филм што се издвои во главната програма е корејскиот „Поезија“ на Ли Чанг-донг, филм што носи многу необична приказна за смислата на животот. Главниот лик во него е една живописна и оптимистична старица, која ќе почне да оди на часови за пишување поезија, додека од друга страна, нејзиниот внук ќе биде вплетен во самоубиството на една млада девојка. Животот поприма сосема поинаква слика од онаа во која старицата сака да верува, спротивставувајќи и' ја на моќта за имагинација тешката и сурова реалност.
За крајот на фестивалот останаа американскиот шпионски трилер „Фер-игра“ на Даг Лиман, но и два силни предизвика, контроверзниот филм на Рашид Бушареб „Надвор од законот“, кој предизвика силни реакции во Франција и филмот „Лажливо сонце 2“ на Никита Михалков, кого моментно го следат многу афери. Абас Киаростами со „Копија на оригиналот“ и Такеши Китано со „Навреда“ разочараа, додека Таверние во „Принцезата од Монтпенсиер“, покажа дека е класичен мајстор, но од некое друго време.
Програмата „Извесен поглед“ донесе повеќе изненадувања и се наметна како далеку поинтересна, не само од главната програма туку и од програмите „Недела на критиката“ и „14 дена на авторите“. „Пал Адриен“ на Агнеш Кочиш од Унгарија е дефинитивно најинтересниот филм од оваа програма. Кочиш ја знае и нашата публика по нејзиниот првенец „Свеж воздух“, кој беше прикажан на „Синедејс“. Со „Пал Адриен“ таа потврдува дека е автор со посебен стил и сензибилитет и дека умее навистина да направи неверојатен спој на сликата и емоцијата и да си поигра со длабоките психолошки мотиви на незадоволството и барањето себеси. Од „Извесен поглед“ ќе ги издвоиме и романската семејна драма „Вторник, по Божиќ“ на Раду Мунтеан и белгиската игра меѓу реалното и виртуелното „Р У таму“ на Давид Вербек. Додека надвор од конкуренција, по „Робин Худ“ и „Вол стрит“, големо внимание привлекоа филмовите на Вуди Ален и на Жан Лик Годар.
Филмот на Ален „Ќе сретнеш висок црн странец“ е добар и забавен филм, на нивото на „Вики, Кристина, Барселона“, но со многу поинтересни ликови, релации и иронија, во начинот на кој се носиме со предизвиците и во судирот меѓу она што сме и што сакаме да бидеме. Жан Лик Годар, пак, не не воодушеви со неговиот „Социјализам“, едно претенциозно парче во кое сака да каже се', за на крајот да не каже ништо. А особено изненади со својот бојкот на фестивалот поради проблемот на Грција. Додека тричасовната „Автобриографија на Николае Чаушеску“ на Андреј Уица и петчасовниот „Карлос“ на Оливие Асајас за познатиот венецуелски терорист, донесоа неверојатни филмски биографии, какви што само животот умее да донесе. |