Јане Чаловски е првиот македонски уметник што изложува во галеријата „Тејт Британ“
Катерина Богоева
Ликовниот уметник Јане Чаловски, кој минатата недела со својата инсталација „Размисла, пауза, процес (ситуација)“ се претстави во галеријата „Тејт Британ“ во Лондон, (дел од познатиот музеј „Тејт“ ), e првиот македонски автор што соработувал со оваа престижна институција. При создавањето на своето дело ја користеше богатата колекција и архивата на „Тејт“.
„Колекцијата е огромна, тоа е, пред се', еден неверојатен систем на вредности, во која е култивирана науката и историјата. Таа е неверојатно заштитена и достапна на многу инститuции што сакаат да соработуваат со нив. Јас најпрво работев со листи што се достапни за поедници-истражувачи и имав пристап и кон пишуваниот материјал за сето она што ме интересираше. Откако поминав извесен период со сите тие информации, поминав три недели во Лондон каде што директно и преку асистенција на куратори и конзерватори од институцијата успеав да дојдам до една униформирана селекција, една претстава за целинатаa со која бев задоволен. Фактот дека се' беше достапно не ме спречи во останување доследен кон некои анализи што веќе ги имав зацртано. Исто така, постојано го имав наум и фактот дека галеријата во која ја поставувам инсталaцијата, има извесен идентитет, специфичен во својата фантастична архитектура. Тоа е една од најпосетуваните галерии каде што обично се поставуваат нови согледби кон колекцијата и се наметнува одговорноста да се постави свежа и нова мисла“, изјави младиот уметник по враќањето во Скопје. Посочи дека насловот на инсталацијата произлегол од белешките што ги водел додека рабoтел на проектот.
„Сакав со насловот веднаш да го вклучам и гледачот во прoцесот на инсталацијата, која е доста динамична и дозволува максимум контакт со делата, кои, сепак, се во музеј што не дозволува директен контакт. Но, токму таа можност за тензичност меѓу гледачот и делото е она што ме воодушевува, што мислам дека е многу интересна состојба за анализа. Делата што ги одбрав се симетрично поставени во просторот, ги обединува една скулптура од Лијам Гилик, која лебди над централниот дел (што може да се види и на фотографиите). Таа скулптура кореспондира со сликата на Кристофер Вул, You Make Me, која, пак, импонира со својата интелектуална директност кон институцијата. Постојат повеќе инквизаторски паралели во изборот – конспиративната графиката на Ема Кеј „Библијата по сеќавање“ од 1997 година полна со хумор, сарказам и искреност, наспроти костумот од филц на Џозев Бојс од 1970 година, каде што ја потенцира тензијата меѓу спиритуалната и физичката енергија и отпорот кон капитализмот. Потоа, дијалектиката на Вито Аконци во неговото дело „Собна ситуација“ во која разработува една ситуација на размена и доверба меѓу приватниот и јавниот простор. Еден од најинтересните дијалози во инсталацијата ги конструирав меѓу сликата на Матис „Невнимателниот читател“ во која што прв пат интелектуално се бунтува поради импресионизмот и ги негира правилата за сооднос меѓу елементите во студискиот простор, со фотоколажот на познатиот канадски уметник Џеф Вул, под наслов „Неочекувано надојден ветер (според Хокусаи)“, каде што ја разработува фотографијата до неверојатен детаљ и го претстави просторот како аналогно поле што поднесува нови нивоа на виртуелизација. Интересно е што и двете дела поставени едно до друго поседуваат една моќна врска меѓу себе, која води до поетика. Во дискурсивен контакт со нив, е поставено и делото на еден од најценетите современи наративни концептуалисти, Франсис Алис под наслов „Патувачите“, коj ја полемизира можноста за отстапување на сликата на јавниот простор на комплетна одговорност на гледачот, кој секоја вечер ја носи дома, а секое утро ја враќа во музејот“.
При селектирањето на авторите и на делата, нему му било пресудно тие да конфигурираат и да се надополнат. „Да имаат смисла во еден мал простор кој самиот по себе, исто така, станува активно вклучен во целиот концепт. Ме интересираа прашања од типот: Зошто опстојуваат класичните идеи за портретот и пејзажот? Што е тоа психологија на набљудувањето? На кој начин правиме кураторски одлуки и колку самиот чин на манифестирање e извесен избор, креативен акт? Како почнува да се конструира културолошката идеја за вредноста на концептуалната уметност? Во процесот на работа изработив серија виртуелни архитектонски конструкции за да имам време да играм со инсталaцијата и да дефинирам извесна симетричност во која делата ќе имаат свое место, а сепак, ќе се идентификуваat со целината“.
Делата што ги употребил Чаловски во инсталацијата се сопственост на „Тејт“, а пак нејзиниот концепт е во негова, авторска сопственост. Изложбата во „Тејт Британ“ ќе трае до 5 септември, документирана е, и како што напоменува авторот, веќе нема да се повтори, да се реинстализира. За тоа време ќе се подготвува пишан и илустриран материјал што треба да биде објавен во самостојна публикација во 2010 година и во колективна, во 2011 година. Во рамките на неговата презентација е одржана и јавна дискусија со истражувачката група „ОуУнПо“. Група, како што и посочува Чаловски, на многу интересни автори од Европа, развиена на почетокот на годината како потреба за споделување концепти и недовршени идеи, свежи истражувања и интердисциплинарни процеси. „Во контекст на инсталцијата сакав да придонесам со еден елемент што ќе биде потикнувачки, што ќе го раздвижи просторот и ќе придонесе кон идејата за темпоралното, во однос за историското“.
Од актуелните проекти што имал можност да ги види при овој престој во Лондон, ја издвои големата ретроспектива на Хенри Мур во „Тејт Британ“ и изложбата на сликарот Крис Офили. „Во ’Тејт Модерн‘ ја имаат прекрасната изложба на Тео Ван Дојзбург, холандскиот предводник на модернизмот во дизајнот и архитектурата. Потоа, во големиот Турбан хол во ’Тејт Британ‘ минатиот викенд се одржа фестивал на независната европска ликовна сцена. Беа поканети над педесетина проектни простори да заземат дел од огромниот изложбен простор и да се претстават со експериментални поставки. Исто така, ми се допадна и куќата на авторот Џон Лотам, кој сега е дебатен и изложбен простор насловен ’Флет Хаус‘, во кој ја прославивме и вечерата по моето отварање“.
Изложбата ’Размисла, пауза, процес (Ситуација)‘ се реализира во рамките на проект со кој британското Современо уметничко друштво прославува 100 години постоење, а освен Јане Чаловски, во него, по нивна покана со свои изложби учествуваат и уметниците Елизабет Прајс и Ричард Рајт. Прашан за соработката со Друштвото кое на јавните колекции во Велика Британија досега им подарило 8.000 дела и колку тој начин на работа може да биде применлив и во наши услови, Чаловски одговори: „Друштвото било создадено ,бидејќи постоеле извесни предуслови и поединци во еден момент на колективна инспирација. Треба да постојат одредени културно-социополитички предуслови, можеби како и времето кога е создаден Музејот на современа уметност во Скопје. Тоа би можело да се земе како некаква паралела, иако е далеку од концептот. Но, улог��та што ја одиграл МСУ во почетокот на своето постоење е многу значајна. Сега е сосема друга приказна. Во секој случај, можеби не можеме да имаме нешто што личи на Современото уметничко друштво, сигурно сме способни за институција што ќе го поддржува натамошниот развој на уметноста, уметниците, институциите и колекциите“.
|