Брачна двојка се затрула правејќи ајвар во Кумановско
Причина за смртта на Дивна (61) и Миле Арсовски (63) е труење со јаглероден моноксид од кофа со жар
КУМАНОВО - Брачните сопружници Дивна (61) и Миле Арсовски (63) од Куманово завчеравечер се пронајдени мртви во нивната викендичка во атарот на селото Зубовце. Според наодот на МВР, причина за смртта на брачната двојка е труење со јаглероден моноксид од кофа со жар што претходно ја внеле во собата за да се стоплат. Нивните мртви тела се откриени два дена откако починале.
Арсовски во вторникот од Куманово заминале на викендичката за да прават ајвар. Некаде околу 17 часот, откако завршиле со зимницата, влегле да се стоплат по што заспале со отворена кофа со жар.
„Со жена ми не ги видовме сестра ми Дивна и зетот Миле и нешто ни стана сомнително. Не е можно да си заминале за Куманово, а да не ни се јават, бидејќи секој ден седевме или кај нас или кај нив“, со плачен глас раскажува Стојанчо Петковски.
Тој и неговата сопруга имаат викендичка во близина на куќата на покојните. Биле шокирани кога пред викендичката на Арсовски пристигнале две возила на МВР и на медицинска екипа. Една од двете ќерки на Арсовски го пријавила во полиција исчезнувањето на родителите откако никако не успевала да ги добие на телефон. (Ст.Б.)