Две возила изгореа, возачите се спасија
ГОСТИВАР - Два автомобила се судриле и целосно изгореле во сообраќајка што се случи завчера на западната магистрала Гостивар - Охрид. За среќа, возачите на двете возила минале само со скршеници.
Во сообраќајката директно се судриле „ситроен саксо“ со охридски таблички, управувано од 39-годишниот скопјанец С.Л., и „опел“, управуван од 49-годишниот охриѓанец Р.С.. По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Возачот на „ситроенот“ се здобил со скршеница на десната нога и левиот колк, а возачот на „опелот” ја скршил клучната коска. Во „опелот“ се наоѓала и 20-годишната И.Ќ., која минала со полесни повреди. Повредените биле пренесени во гостиварската болница, а поради тешките повреди, С.Л. бил префрлен во Клиничкиот центар во Скопје. Неприспособената брзина на двете возила, според првичните сознанија на истрагата, била причина за сообраќајката.
Сообраќајот во двете насоки беше во прекин од 12 до 14 часот, поради што беше создадена километарска колона.
Сообраќајот на овој дел на два часа беше прекинат и вчера по судир на камион и автомобил. (К.К.)
|