Јажето ќе одгатне дали мајката го убила синот, па го распарчувала
Мајката тврди дека синот и' се обесил и дека таа го кремирала неговото тело
Иван Бојаџиски
КОЧАНИ - Големото јаже пронајдено во куќата на семејството Андревски во кочанското село Оризари може да биде крунскиот сведок за тоа како, всушност, завршил животот на 32-годишниот Влатко. Тој чин треба да ја одгатне дилемата дали момчето било убиено од својата мајка Лозена, па потоа распарчено на делови и печено во печката на дрва или, пак, мајката го сторила тој непресметлив чин откако Влатко сам си го одзел животот. Лозена тврдела пред полицијата во Кочани дека Влатко се обесил во куќата на 8 септември и дека откако го видела безживотното тело на синот, се одлучила да го „кремира“ на неверојатен начин.
„Си го сакав и го сакам мојот син и денес, но кога го видов како безживотно виси обесен на греда од таванот на нашата куќа, решив неговото мртво тело да го изгорам, коските да ги закопам, а пепелта да ја расфрлам низ дворот. Не сакав да падне срам врз Влатко и моето семејство, кое и пред тоа доживуваше трагедии. Сакав луѓето да мислат дека мојот син исчезнал некаде, дека е на работа во странство“, рекла мајката.
Според најновите сознанија до кои дојдовме вчера, на остатоци од телото на Влатко наишла неговата сестра, која живее во Скопје. Во една од собите наишла на страшна глетка - насекаде биле расфрлани човечки коски, а дел од собата била прекриена со пепел.
Оризари е големо село, речиси споено со Кочани. Неговите жители живеат, главно, од ориз. Никој од селаните немаше лош збор ниту за Лозена ниту за Влатко. За Влатко ни рекоа дека бил весело момче се' до моментот кога му се случиле две големи трагедии. Во првата, предизвикал сообраќајна несреќа во која смртно настрадал неговиот татко, а во вториот случај во Кочани усмртил пешак. По тие трагедии, Влатко сосема се повлекол во себе.
„Беше нормално момче, кое во последно време се обидуваше егзистенцијата да си ја обезбеди како таксист. Никој во Оризари не се има пожалено на однесувањето ниту на неговата мајка Лозена, која важеше за скромна домаќинка, која говореше дека крајно време е Влатко да и' доведе снаа и да оформи семејство“, ни изјави Крум Атанасов, жител на Оризари.
По откривањето на грозоморниот настан, мајката Лозена во придружба на полицијата е префрлена на Одделението за нервни болести при Општата болница во Штип. Д-р Весна Трајкова вели дека во книгата во која се запишуваат нивните пациенти го немало името ниту на Лозена, ниту на Влатко. Таа за медиумите изјави дека Лозена била прегледана од психијатри, но за нивниот наод не смееле да даваат информации во медиумите.
Кога била уапсена, Лозена упорно тврдела дека таа не е убиец на својот син, дека тој се обесил. Ја упатила полицијата да оди во нејзиниот стан и да го побараат јажето, со кое, како што тврдела, ќе докажела дека ја зборува вистината. Сега, откако јажето е пронајдено, со вештачење лесно ќе може да се утврди дали на јажето има траги од кожата на вратот на несреќното момче.
Истрагата за неверојатниот случај како што досега немало во источна Македонија ја води Јакимче Илиев, истражен судија при Основниот суд во Кочани, кој вчера беше недостапен за медиумите. |