„Улици и патишта“ ја обележуваат велосипедската меѓу булеварите „Партизански одреди“ и ВМРО
Екипи на ЈП „Улици и патишта“ од вчера започнаа да ја обележуваат велосипедската патека на раскрсницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и булеварот ВМРО. Во наредните денови, пак, на патеката на сите раскрсници на „Партизански одреди“ и улицата „Ѓорче Петров“ ќе се постави вертикална сигнализација (сообраќајни знаци) и хоризонтална (знак во форма на велосипед, на оддалеченост од 100 метри).
Овие активности се продолжување на проектот на Градот за обележување на патеките, при што изминатиов период со вкупна површина од 2.000 квадратни метри беа обележани велосипедските патеки од Транспортен центар по должината на булеварот „Кузман Јосифовски - Питу“. Градските власти информираат дека на четирите раскрсници на потегот од Транспортен центар до Народна банка ќе бидат поставени 22 семафора за велосипедисти.
„Невладината организација ‘Проактива‘ деновиве треба да започне со изградба на велосипедска патека на потегот од плоштадот ‘Македонија‘, покрај зградата на ’Македонска пошта‘ до мостот ‘Гоце Делчев‘. Оваа патека ќе биде асфалтирана и ќе претставува физичка врска меѓу велосипедската патека која почнува од Транспортниот центар, па преку кејот ’13 Ноември‘ и плоштадот ‘Македонија‘ се спојува со онаа на булеварот ‘Партизански одреди‘“, велат од Градот и најавуваат дека во рамките на проектот е планирано од двете страни на Камениот мост да бидат поставени метални рамки за паркирање велосипеди. (Дс.Т.)