Од 1 септември приватните автобуси ќе возат со електронски картички

Чип-картичките ќе се продаваат по трафики и во почетокот со промотивна цена
Приватните превозници од „Слобода превоз“ учесници во јавниот градски превоз од 1 септември ќе стартуваат со примената на таканаречениот смарт тикетинг-систем, односно, наплата со електронски картички. Во 50 отсто од трафиките на автобуските постојки ќе се продаваат еден тип електронски картички, кои на почетокот ќе бидат со промотивна цена, којашто допрва ќе ја одредат во претпријатието. Како што велат оттаму, од октомври смарт-картичките ќе бидат класифицирани и ќе бидат еден тип за ученици, а друг за студенти, пензионери, вработени и невработени.
Пред почетокот на употребата на овие чип-картички завршени се 80 отсто од подготовките за употребата на ваквиот систем, кој во иднина ќе се применува во сите автобуси на „Слобода превоз“. Во претпријатието посочуваат дека станува збор за мошне скап и модерен систем, во чија подготовка учествувале неколку фирми. Додаваат дека ова е само првиот чекор што го прават во модернизирањето на приватниот превоз.
Од 1 септември во стотина приватни автобуси ќе бидат поставени читачи на новите електронски картички. За почеток, велат приватните превозници, ќе си дозволат период на информирање и прифаќање од страна на патниците на ваквиот тип електронска наплата, со што ќе се елиминира употребата на кеш пари и на кој било вид малверзации.
Според Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“, за почеток смарт-картичките ќе можат да се користат за четири возења, а потоа ќе можат да се надополнуваат. Во иднина се планира изработка на картички за повеќе возења. Покрај во трафиките, тие ќе се продаваат и во поголемите супермаркети, но и во маалски продавници. Нивното надополнување за следни возења ќе биде на сличен принцип како и надополнувањето на при- пејд картичките за мобилни телефони. (Сн.К.) |