Број 2858  среда, 10 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Скопје

ЈСП си ги бара парите од Владата за ученичките билети

Во ЈСП владее паника од лошата економска состојба, покрај со субвенциите од Градот Скопје

Градот Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, вчера побараа од Министерството за образование да го плати долгот за билетите со кои се возат над 5.700 средношколци. Владата му должи на ЈСП над 22 милиони денари за превозот на учениците во периодот од септември до денеска. Владата се обврза да го финансира превозот на средношколците, но засега не исплатила ниту денар, соопштија вчера градоначалникот Трифун Костовски и директорот на ЈСП, Александар Бошковиќ.

Тие истакнаа дека иако за состојбата редовно го информираат министерот за образование, Перо Стојановски, а ЈСП ги испратила и сите фактури, засега нема навестувања дали долгот ќе биде платен.

Во ЈСП владее паника од лошата економска состојба, која не може да се поправи ниту со редовните субвенции од Градот Скопје. Со долгот од Владата, за кој ЈСП мора редовно да плаќа ДДВ, иако досега не му е платена ниту една фактура, се доведува во прашање и исплатата на платата пред Нова година, алармираше градоначалникот Костовски.

„Владата вети дека ќе го покрие трошокот на средношколците за превоз. Оваа одлука не ја донесе ЈСП, туку во случајот е само извршител, па би било в ред да му се плати“, истакна градоначалникот, нагласувајќи дека ја поддржува одлуката на учениците да им се плаќа превозот.

Апелирајќи до Владата веднаш да го покрие долгот, Костовски истакна дека Градот нема можност повторно финансиски да интервенира, бидејќи нема време за нов ребаланс на буџетот.

На обвинувањата веднаш реагираше Министерството за образование и наука со објаснување дека во најскоро време ќе го потпишат договорот за превоз на учениците со ЈСП, „Слобода превоз“ и „Мактранс“, со кои досега соработувале само врз основа на Меморандум за соработка.

„Министерството нема потпишано договор со ЈСП за исплата на превозот. Во тек е усогласувањето на ставовите меѓу Министерството и ЈСП околу деталите на договорот, по што тој ќе биде потпишан. Средствата за превоз се обезбедени преку буџетот и ќе му бидат префрлени на ЈСП веднаш откако договорот ќе биде потпишан. Не гледам никаква причина за недоразб��рање меѓу Министерството и градоначалникот, бидејќи средствата се обезбедени“, рече Љупчо Спасовски, раководител на Секторот за основно и средно образование при Министерството и подвлече дека во ЈСП требало да бидат благодарни што во еден момент добиле 5.700 корисници за кои се обезбедени по 1.500 денари секој месец, иако, ништо не направиле за да ги подобри условите за превоз. „Затоа, апелирам да ги подобрат условите, бидејќи следната година ќе добијат уште толку корисници-ученици“, рече Спасовски.


Статијата е прочитана 180 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Скопје
„Лотус транспорт“ ново такси на улиците во Скопје
Градот не ги сака двокатните автобуси
Покрај Вардар ќе никне уште еден проблематичен објект!