Безуспешна потрага по исчезнатите деца
Една и пол година по исчезнувањето на Мирсада, Дане и Митат, никој не знае каква е нивната судбина
Даниела Трпчевска
Меѓународни потерници, проверки во соседните земји, потрага по сомнителни џипови, пребарување по речните корита, испрашувања сведоци и контроли на границите. И по една и пол година од истрагата, која ја започна полицијата за пронаоѓање на трите деца што исчезнаа лани, се' уште не се знае судбината на петгодишната Мирсада Хелдовиќ од Куманово, нејзиниот врсник Дане Мемеди од кумановската населба Средорек, како и на седумгодишниот Митат Ибраими од скопското село Средно Коњари.
Двете момчиња и девојчето исчезнаа во крајно мистериозни околности. Најпрво трагата му се изгуби на Митат Ибраими од скопско Средно Коњаре. Тој исчезна на 19 март 2010 година во близина на реката Пчиња. Потрагата по исчезнатото дете, за кое надлежните се сомневаа дека се удавило во реката, досега не даде плод.
Неколку недели подоцна, на 12 април исчезна и малата Мирсада. Девојчето едноставно го снемало во близина на семејната куќа во кумановската населба Средорек. Роднините раскажуваа за некој темен џип што се појавувал во близина на населбата. Се сомневаа дека девојчето завршило преку граница, како жртва на трговија со луѓе. Полицијата не успеа да го пронајде.
Две недели подоцна, кумановци беа шокирани од уште еден случај. Исчезна малиот Дане Мемеди. Последен пат бил виден додека си играл со количката од болната баба во дворот од семејната куќа, во чија непосредна близина е реката Кумановка. Полицијата, најблиските, нивните роднини и пријатели со денови го проверуваа текот на реката. Малиот Дане како да пропадна в земја.
Фотографиите на трите деца, со нивните основни податоци и апел до граѓаните да ги пријават доколку ги видат, се' уште се наоѓаат на официјалната страница на МВР.
Од полицијата велат дека истрагата за исчезнатите се' уште трае, активни се и меѓународните потерници што беа лани распишани по нив, во случај децата да биле однесени надвор од земјава.
„Ги проверувавме сите сознанија што ги имавме и ги добивавме од различни страни. За време на истрагата се споменуваше и црн џип што се појавувал во Кумановско. Вршевме проверки и во земјава, а по наведената регистрација трагавме и во Бугарија. Но, ваквите проверки не се покажаа вистинити“, велат извори од МВР, кои биле вклучени во потрагата по исчезнатите деца.
Во периодот кога се случи исченувањето на трите деца, полицијата буквално била преплавена од повици на граѓани, кои пријавувале сомнителни возила што се движат околу училишните дворови, па наводни обиди за киднапирања, но најголем дел од нив се покажале како невистинити. Една година потоа, паниката е стивната, велат во МВР, каде што додаваат дека не се регистрирани нови пријави или јавувања на загрижени граѓани за исчезнување деца.
Покрај Мирсада, Дане и Митат, полицијата трага по уште 22 лица кои се водат како исчезнати во земјава. Од почетокот на годинава биле пријавени 75 случаи на исчезнувања, од кои најголемиот број од случаите се разрешени.
Во изминативе десет години како исчезнати биле пријавени вкупно 50 деца на возраст до 14 години, од кои 30 девојчиња. Според статистиката на полицијата, најдени биле 48 деца, три од нив биле починати. Двете деца, кои се' уште се водат како исчезнати, се Љунтурије Исени од скопско Трубарево, која исчезна во ноември 2000 година кога имала пет години. Таа е едно од двете близначки што паднаа во Вардар. Другото близначе било пронајдено удавено во реката, но од Љунтурије до ден-денес нема никаква трага.
Второто дете што се води за исчезнато е Сунај Шакири од Крушопек, Скопско, кое исчезна во март 2002 година на тригодишна возраст. Според кажувањата на оние што последни го виделе детето, Сунај си играл во близина на Вардар, но оттогаш му се губи трагата.
Потрага по исчезнатите преку „ајфон“
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) дека ќе лансира апликација за мобилниот телефон „ајфон“ на компанијата „Епл“, наречена „чајлд ај-ди“, преку која ќе биде овозможено траѓање по исчезнати деца.
Оваа апликација овозможува складирање фотографии на деца, како и на повеќе нивни физички карактеристики, како што се тежината или висината. На тој начин доколу некое дете се загуби во трговски центар, доволно е да се активира апликацијата и да се праша некој од продавачите во близина за детето, чии карактеристики ќе може да ги види. |