Број 3262  вторник, 20 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Модерниот танц бара живи карактери, не марионети

Младите Лаури и Јесе, танчари на Академијата за танц од Ротердам, прв пат заиграа на голема сцена во Македонската опера и балет

Миркица Поповиќ

„Танц-фест“ годинава беше отворен со изведбата на „Третиот“ од танчерите од Академијата за современ танц од Ротердам. Претставата е базирана на мотиви на „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, кои, според креаторите на претставата, се само појдовна точка за претставата, која се занимава со човекот и со неговото патување низ еден пекол, чистилиште за да се дојде до рајот, за кој нема гаранција дека ќе одговори на нашата илузија за него. Публиката остана од почеток до крај вплектана во мрежата на чистите, страсни движења на танчерите кои стануваа уште помоќни со звуците на музиката на Кирил Џајковски, а претставата ескалираше со добро познатото парче на Џајковски „Primitive science“.

Дваесет годишната Лаури Шеп и две години постариот Јесе Ханс, членови на Академијата за танчери во Ротердам, велат дека во Холандија се само двајца студенти по модерен танц на Академијата. За публиката во Скопје и Битола кои имаа можност да присуствуваат на изведбата на претставата „Третиот“ во режија на Рисима Рисимкин, во рамките на годинашниот „Танц-фест“ овие двајца млади танчери заедно со уште 11 нивни колеги се торнадо кое моќно ја зазема сцената на македонската опера и балет и ги поведе на патувањето низ Дантеовата „Божествена комедија“.

Разговаравме со нив надвор од сцената, додека чекаа да пристигне вечерата во ресторанот. Оставајќи ги останатите 11 танчери внатре, за да избегаме од вревата излеговме надвор. „Се надевам нема повторно да заврне, секогаш почнува да врне ова време навечер“, вели Јесе, кој ги има совладано табиетот и триковите на времето по една цела дождлива недела во Скопје.

Велат на почетокот на соработката со кореографката Рисимкин, па се до доаѓањето во Скопје не биле ни свесни за значењето на „Танц-фест“. „Со Рисима работевме еден месец во Ротердам. Дојде во јануари и тогаш и почна да ја работи претставата. Беше одлучена да се работи на делото на Данте, веќе имаше обмислено и музика и имаше идеја за костимите. Имаше доста јасни идеи, но и нашите импровизации делумно и дадоа инспирација при креирање на претставата“, велат во заеднични тон Лаури и Јесе.

Фасцинирани се од темпото на работа на Рисимкин, која само за 4 недели успеала да создаде 50 минутна претстава, бидејќи во нивното искуство со кореографи за 4 недели обично се сработува само 10 минутно парче од една претстава. „Оваа цела соработка беше сосема нов момент за нас. Работата на претставата беше интензивна. Ние преку ден имавме предавања, додека Рисима работеше на забелешки за претходниот ден и нови делови од претставата, на кои потоа заеднични работевме вечерта. Но, помагаше тоа што таа се држеше до зацртаните планови, знаеше точно што и како сака“, вели Лаури.

И покрај брзата динамика, со насмевка ве��ат дека работата на претставата била забавна. „Името на претставата не беше зацртано на почетокот. Рисима по некое време ја гледаше претставата како патување кое човекот мора да го направи, па дури и постоеше идеја претставата да се вика „Патувањето“, за потоа да се одлучи за „Третиот“. Јас бев едниот од двајцата ангели, кои на почетокот на претставата се досадуваат во рајот каде се е совршено во ред. Одеднаш таа досада ја разбива појава на третиот лик, кој сака да влезе во рајот, но е одбиен и сфаќа дека ќе мора да помине низ пеколот и чистилиштето за да може да ни се приклучи. Така започнува и завршува претставата, со истата сцена“, посочува Јесе, токму за почетната и крајната сцена кои изнудија бурни реакции од домашната публика. Воодушевени се и од музиката на Кирил Џајковски, нагласувајќи дека никогаш до сега немале можност да играат претстава со таква музика. „Музиката беше привлечна и за нас и за публиката. Има некоја примитивна, анималистичка енергија која ја прави многу добра“, вели Јесе.

Нивниот пат до Академијата за танц во Ротердам е сосема различен. Лаури подолго време се занимавала со класичен балет и студирала на Холандската национална академија за балет. „Последните три години веќе не можев да се изразам себеси преку класичниот балет. Мислам дека изгубив дел од страста за танцување. Сакав да пробам нешто поинаку, бев на различни работилници за различни видови танц, импровизација, за на крај да видам дека страст за играње најмногу наоѓам во модерниот танц. За секого е различно, некој се наоѓа во класичниот, некој во џез балетот. Јас во модерниот. И тоа ме одведе до Академијата во Ротердам“, вели Лаури, целосно задоволна од изборот кој го има направено. Јесе пак, почнал да танцува пред три години. На Академијата се запишал со цел да ја подобри техниката за играње. „Почнав без техника, со имровизација, искажување на чувствата преку танц. Ова беше забавно, но знаев дека ми е потребна техника за да можам да продолжам да танцувам. Со импровизацијата можеш да стигнеш до некаде, но неопходна е техниката. И Академијата ми помага токму во таа смисла, да го надградам танцовиот речник, т.е. речникот на танцови движења за да можам подобро да се изразувам. Се истражувам и креативно се надополнувам себеси “, додава тој.

Академијата во Ротердам, со која од септември ќе соработува новата катедра за модерен танц на Универзитетот ЕСРА, ја гледаат како еден огромен базен на идеи, луѓе и кореографи кои им помагаат уште повеќе да се навлечат на модерниот танц кој го одбрале како свој начин на живот. „Се чувствувам како сунѓер кој ги впива сите тие информации и може од тоа да земе се што сака и што му одговара“, вели Лаури.

Секое застанување на сцена за нив е посебно. Нема зборови да се опише енергијата и адреналинот кој го чувствуваат со секое застанување на сцената. „Иако нашиот начин на живот и студии одземаат премногу време, не ги оставаме откако ќе си одиме дома, сепак енергијата што ја добивате кога ќе стапнете на сцена целосно ве регенерира, се заборава на уморот. Јас давам огромен дел од себе, но сцената ми ја враќа целата енергија и повеќе“, раскажува Јесе.

Сцената на МОБ е најголемата на која досега настапувале. Првата проба на сцената на МОБ за „Третиот“ ја споредуваат со трчање маратон. „Но, прекрасно беше кога ја видовме публиката и реакциите по претставата. Уживавме во енергијата од фидбекот на публиката. И тие и ние имавме своја катарза преку претставата. Тоа е огромна инспирација за нас“, велат Лаури и Јесе. Она што најмногу им оставило впечаток се возбудените реакции на публиката. Холандската публика е веќе заситена од претстави за модерен танц, но публиката кај нас како што велат, поради релативно младата танц сцена се уште умее да ги цени и да се радува на ваквиот вид претстави.

Патот на танчерите, според нив, не може да се планира и предвиди. По завршувањето на студиите во Холандија е битка да се најде работа. Иако има голем број компании за танц и развиена сцена, сепак нема секогаш место за сите, па дел од танчерите се вработени на краткорочни проекти.

За Лаури и Јесе неопходно е да се искористи секој момент за личен развој за време на студиите, но и да се ужива во тие моменти. „Танчерот не може да планира и да прескокне развојни фази само затоа што сака некаде да работи. Имаме цели и амбиции, но не може да одиме против природата. Во модерниот танц не ги правиш работите совршено според учебник, како на пример во класичниот балет. Кореографите за модерен танц бараат живи карактери, развиени личности, а не марионети. Не е како во класичниот балет, каде 40 балерини се 40 технички совршени лебеди. За модерен танц потребни се индивидуалци кои ќе го измамат погледот на кореографот и ќе се издвојат од групата. Не се претопувај во средината, ако си роден да се истакнеш од неа“, велат двајцата млади танчери.


#
Статијата е прочитана 496 пати.

Испрати коментар

Од: emil
Датум: 20.04.2010 08:13:10
Se prasuvam dali se povtoruva starata stereotipna prikazna za balkanot. Vo muzikata imalo nekoja primitivna, animalna energija. Za koreografijata mozebi mislat isto. Do koga site koi doagaat od elitistickiot "zapad" ne dozivuvaat na ovoj nacin i baraat egzotika, atrakcija, eksplozivni emocii - seks i kalasnikov. Ova e uste edna potvrda deka duri i so ednomesecna rabota na nas umetnik tamu, taa ne uspeala da go urne kliseto za nas.
Од: antibiotik
Датум: 20.04.2010 14:57:47
Neverovatna glupa predstava,samo zato da ima nekoe,demek intelektualno size,se koristi so Dante,sto imaa tie filskulturni vezbi vrska so Dante,ama bas nisto.Znaci primitivizmot i komplexot ne ubivaat,komedija da bese ama na Danteovska i ne bozestvana,tuku makedonska,otepana od gospod,Akademija,Institut,uste malce Nasa za moderen tanc.Da toa go ima,ama ne so Risima,saka da secita malce,da se gleda nekoj popameten,da se uci,......Bravo za muzikata,Kiril ja spasi golemata sramota

Најди! во Утрински
Култура
Премиерата „Покојник“ го воскресна режисерот Ѓоргиевски
Би сакал да ја употребам пресата на Алберт Дирер