Број 3262  вторник, 20 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Би сакал да ја употребам пресата на Алберт Дирер

Ликовниот уметник, Атанас Ботев ги поврзува со своето творештво Скопје и Нирнберг

Катерина Богоева

Ликовниот уметник Атанас Ботев месецов со своето творештво е присутен во два значајни простора, во Музејот на град Скопје со изложбата на графики „Deus Sex Machina“ и во „Kreig Gallery“ во Нирнберг, родниот град на познатиот сликар и графичар Алберт Дирер, со изложба на слики и цртежи. Случајно совпаѓање на термините или, пак, почеток на целосно презентирање на неговите дела, е прашањето на кое деновиве, задоволен од текот на настаните ,одговори: „Изложбата во Нирнберг беше закажана пред речиси една година, така што термините случајно се совпаднаа. Проектот „Deus Sex Machina“ во Музејот на град Скопје фино се надоврза на ликовната тријада: цртеж - слика - графика и претставува на некој начин заокружување на изложбените активности. Но, годината се' уште не е завршена, така што не можам да го предвидам курсот по кој ќе се движат претстојните професионални активности. Во секој случај, почна прилично интензивно и се надевам дека така ќе продолжи се' додека ме служи здравјето, љубовта, инспирацијата и волјата за создавање.

За Ботев, кој е графичар по вокација, престојот во Нирнберг бил особено инспиративен и содржаен. „Изложувам во реномиран камерен простор, лоциран спроти Националниот музеј. Изложив десетина дела (слики и цртежи), кои наидоа на позитивен фидбек од публиката. Градот со сиот свој сјај, прекрасната сценографија и богатото културно наследство нуди интензивни ментални и физички дразби, проткаени со галони темно пиво и вкусни колбаси. Ако се земе предвид фактот дека Нирнберг бил центар на графичката уметност, може да се разбере мојот восхит и задоволството што имав можност да изложувам во родното место на Дирер - неспорно најголемиот графичар на своето време и човек којшто изврши значајна улога во формирањето на мојот графизам (цртачка постапка којашто се темели на мрежеста структура од вкрстени паралелни и испрекинати линии и точки) и мојот однос кон графичката уметност воопшто. Ја посетив неговата куќа-музеј во којашто се изложени оригинални дела (слики и гравури) како и графичката преса на којашто ги печател своите графики (почувствував неодолива желба да ја употребам, ха, ха)“.

Изложбата „Deus Sex Machina“ е директно соочување на публиката со неговата графичката умешност на прикажување на чудесни светови во кои главните ликови се луѓето и машините, придружени со куси текстови, чиј автор е исто така тој. Опишувајќи го нивното создавање, посочува дека во текот на 2008 започнал со серија цртежи (туш на хартија) во кои симбиотички биле интерпретирани машини и биолошки ентитети. „Од ликовен аспект, ваквата комбинаторика е податлива за динамичка композиција на обликот, графичка експресија, контраст на текстури, барокно преплетување и прекројување на формите...Набљудувајќи ги цртежите, постепено започнав да медитирам, копајќи во потсвеста и извлекувајќи на површина потиснати содржини, информации, желби, стравови. Влегов во дијалог со своето алтер-его и започнав да конструирам прозни минијатури. Текстовите настанаа спонтано, без претходен концепт, по пат на слободни асоцијации - според надреалистичките начела на психичкиот автоматизам. Подоцна решив цртежите да ги транспонирам во графички листови. Композициите на тој начин добија поинаква димензија, извесна свеченост којашто се држи токму на графичкиот медиум односно неговата техничко-технолошка диферентна специфика“.

Во средиштето на проектот „Deus Sex Machina“ се наоѓаат бројни прашања: Како нашата современа култура го обликува психичкото ниво, профилот на личноста, однесувањето на поединецот? Кои се потиснатите стравови, желби и фрустрации на современиот човек? Во модерната и постмодерната култура се распаѓа стариот систем на вредности. Во сите сегменти од животот попуштаат шевовите, разложувајќи се на фрагменти. Правопропорционално со експанзијата на информатичкото општество и современите технологии расте и алиенацијата во големите градови. Поимите правда, етика , морал, достоинство се доведуваат во прашање или пак цинично се исмејуваат. Во такви околности поединецот станува апатичен, празен, духовно умртвен и потребни му се силни дразби, било да се работи за секс, храна, дроги, алкохол, таблоиди преполни со шокантни приказни, филмови исполнети со насилство, садизам, порнографија. Приказните се секаде околу нас и чекаат да бидат преточени во цртеж, слика, графика, стрип или инсталација. Медиумот при тоа воопшто не е релевантен. Атанас Ботев говорејќи за спецификата на гравурата и за нејзиното користење во денешен историски контекст, ја нагласи разликата во алхемискита постапка на графичкиот процес во однос на сликарскиот. „Сликарот може непосредно да го следи процесот на работа и да ја коригира и контролира сликата, но графичарот до последен момент не може да претпостави каков ќе биде крајниот изглед на отпечатокот. Таа неизвесност, како и можноста за експериментирање и преиспитување на границите на графичкиот медиум се главна причина поради која што ги ползувам графичките техники. Постои извесен куриозитет во фактот што графиката полека изумира, налик на старите занаети, претворајќи се во древна вештина со којашто ракуваат само посветените (ха, ха)“.

Графиката денес поприма аура на своевидна „музеалност“ и „историчност“ и веројатно тоа е една од причините поради којашто е атрактивна за пасионираните колекционери и искрените вљубеници во „уметноста на мултиоригиналот“ (Џ. Хозо). Кусите текстови од „Deus Sex Machina“ за него претставуваат рефлексија на разни аспекти од човековата егзистенција. Тие се содржани и во објавената книга, со која е придружена изложбата. Книгата е замислена како засебна целина - графичка новела за сонот во која дизајнот зазема значајна улога при контемплирањето. Ги содржи цртежите кои се во спрега со прозните минијатури и воведните текстови на ликовниот критичар Емил Алексиев и писателот Гоце Смилевски и веќе е достапна во книжарниците во Скопје.


#
Статијата е прочитана 510 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Премиерата „Покојник“ го воскресна режисерот Ѓоргиевски
Модерниот танц бара живи карактери, не марионети