Премиерата „Покојник“ го воскресна режисерот Ѓоргиевски
Битола - Во атмосфера на силен набој на емоции но и револт заради актуелните случувања во Битолскиот народен театар, куќата ја најави својата прва премиера за годинава.
„Покојник“, од Бранислав Нишиќ во режија на Љупчо Ѓоргиевски е претставата чија премиера е закажана за во среда и е подготвена исклучително со членови на ансамблот на БНТ. Причините за ова се веќе познати: треба да се штеди поради финансиската криза. Така сценографијата е на Драган Ангелковиќ, костимографијата на Благој Мицевски а музиката на Марјан Неќак. Играат актери од најстарата, па се до најмладата генарација: Петар Мирчевски, Борис Чоревски, Петар Горко, Иван Јерчик , Васко Мавровски и други.
Картите се отворија уште на самиот почеток со поставувањето на прашањето зошто Нушиќ и зошто „Покојник“. Режисерот Ѓеоргиевски вели дека „од минатата година било договорено и одобрено од Министерството за култура да ја режира претставата „Трамвајот наречен желба“ од Тенеси Вилијамс, но со смената на директор во театарот плановите пропаднале. Режисерот спречен да ја направи поделбата на улогите според својот избор ја заменил и претставата“.
Љупчо Ѓоргиевски по цели шест години токму со „Покојник“ се враќа со режија на сцената на битолскиот театар. „После толку време што се мери во години повторно имам можност да режирам во мојот матичен театар, вели Ѓорѓиевски. Не само што сметам дека „Покојник“ е најкомплетното дело на Нушиќ од сите останати, туку имам и лични причини тоа да го режирам. Бидејќи во овој изминат период на професионален план се чувствувам како „покојник“ . Но тоа не е само моја трагедија , мораме да си погледниме во очи и јасно да си кажеме дека таков тип на покојници има многу меѓу нас“, рече искусниот режисерот Ѓоргиевски надополнувајќи го овој свој исповед со една реплика од Нушиќ. „Не може државата да те натера да бидеш мртов ако не сакаш“ .(Нушиќ). Но, јас би додал можеби не може , ама државата може да ти нареди да не бидеш жив. Значи кога не можеш да работиш или си полу жив или пак ако сакате жив мртовец. И тоа што се случува денес е ужасно“, рече револтирано режисерот Ѓоргиевски потенцирајќи дека со оваа претстава го режира не само својот живот туку и на многу други негови колеги.
Во текот на подготовката на претставата се соочувале со проблеми особено по најавите на осумте млади актери дека ќе ги прекинат сите проби и нема да играат во претставите, ако не им се вети вработување, но сепак режисерот е задоволен од сработеното. (А.Б.) |