Дали ни се подготвува нов струен шок?
ЕВН упорно молчи за поскапувањето, ЕЛЕМ настапува похрабро - нема значителни отстапувања
Маја Томиќ
Нова цена на струјата? Од ноември или од 2011 година? Граѓаните се во непријатно исчекување и се' погласно шпекулираат околу новата цена. Сите се сигурни само во едно, струјата нема да остане на исто и цената сигурно ќе скокне. Чекаат кога тоа ќе им биде соопштено и официјално. Додека производителот, „Електрани на Македонија“, деновиве излезе со смирувачки и оптимистички тонови дека од нивна страна нема да се бара значителна нагорна корекција на продажната цена на струјата, од дистрибутерот „ЕВН Македонија“ и натаму се воздржуваат од какви било коментари на оваа тема. Тоа може да се протолкува дека компанијата многу веројатно ќе бара од Регулаторна комисија за енергетика, зголемување на цената, можеби и драстично, па токму затоа одговорните во ЕВН молчат на оваа тема.
Директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, неодамна, по втор пат изјави исто, дека компанијата годинава нема да отстапи од ланските проекции, што подразбира дека нема да се бара од Регулаторната повисока продажна цена на електричната енергија за наредниот период.
„ЕЛЕМ до крајот на октомври ќе го достави извештајот до РКЕ за реалните, реализираните трошоци во работењето од почетокот на годинава, како и за планираните инвестиции за в година. Крајната одлука потоа е на регулаторот. Не верувам дека ќе има, но и да има некакви корекции во нашата цена, тие ќе бидат минимални“, изјави Чинговски, додавајќи дека не може со сигурност да коментира околу евентуалното поскапување на струјата. Бидејќи крајната одлука останува на РКЕ, а таа треба да го оценува и извештајот за трошоците и инвестициите на ЕВН, по што може да произлезе и зголемување на цената.
Додека ЕЛЕМ и ЕВН ги токмат барањата до регулаторите што треба да ги достават најдоцна до 31 октомври, неодамна од Брисел препорачаа дека е неопходно да поскапи струјата и оти тоа би било во интерес на инвестициите во енергетиката. Ставот на Европската комисија е дека електричната енергија не треба да има политичка или социјална цена, туку исклучиво пазарна, што е потребно за воведување либерализацијата на енергетскиот пазар.
Експертите, пак, не се против нагорната корекција на цената, но само ако е таа оправдана со инвестиции што се реализирале во изминатиот период. Според нив, нема логика струјата да поскапува, ако двете енергетски компании имаат зголемени профити во работењето. Кога би било обратно, односно ако работат со загуба поради направени инвестиции, тогаш РКЕ треба да им одобри нова цена.
Инаку, струјата последен пат поскапе на 1 јануари годинава, кога цената скокна за 10 отсто. Оттогаш цената на еден киловат-час струја што ја продава ЕЛЕМ чини 2,11 денари, просечната цена на еден киловат-час за сите категории потрошувачи се плаќа по 3,78 денари, а домаќинствата плаќаат околу 3,3 денари за еден квч.
Со ланската одлука на РКЕ, ЕЛЕМ доби најмногу, или 55,75 проценти зголемување на продажната цена, МЕПСО 6,51, а „ЕВН Македонија“ - 35,61 процент. Претходното поскапување на струјата беше во ноември 2008 година, кога таа скокна за 13,5 отсто. |