Професор или министер - почна трката за гувернер
Како најсериозни кандидати за нов гувернер се споменуваат Михаил Петковски, Зоран Ставрески и Димитар Богов
Соња Маџовска
Професор или министер - кој ќе биде новиот гувернер? Наградно прашање или тема за дебата, во секој случај, фотелјата на Гошев се загрева за неговиот наследник.
Најважно е новиот гувернер да има цврст карактер и да знае да и' каже „не“ на Владата кога треба, велат експертите. Ова дотолку повеќе што во овој случај власта не директно, но индиректно има шанса, за која се верува дека ќе ја искористи, да постави свој човек на оваа функција. Веќе се вртат имиња за тоа кој би можел да биде новиот гувернер. Како најсериозни кандидати подолго време се споменуваат професорот Михаил Петковски, вицегувернерот Димитар Богов и министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Последниот, иако можеби потајно, и најмногу ја посакува оваа функција, со оглед на тоа што кариерата токму оттаму почна да ја гради. Но, тешко дека ќе му биде дозволено да ја напушти уште пожешката и потешка министерска фотелја. Сепак, тој стриктно не се изјаснува, освен што вели дека гувернерската позиција е една од трите најзначајни во државата.
„Во мојата професионална кариера сум работел на многу одговорни функции во земјата и во странство. Позицијата на која сум сега, вицепремиер и министер за финансии, дефинитивно, е најтешката, посебно во овие времиња. Минуваме низ најголемата светска економска криза во последните 80 години. Затоа, засега целосно сум фокусиран на тоа како поуспешно да ја извршувам оваа многу тешка и одговорна работа“, изјави деновиве Ставрески во едно свое интервју. Тој демантира дека владејачката партија е таа што ќе го предложи кандидатот.
Еден од личностите што може сите да ги изненади, од вицегувернер да се искачи на гувернерската позиција, е Димитар Богов. Тој се смета за човек од доверба на владејачката партија, а низ кулоарите се зборува дека токму на сегашната функција е дојден по нејзин предлог.
Според познавачите, и професорот Михаил Петковски е во игра. Тој моментално се смета за најнеутрален, а всушност е еден од најексплоатираните економски експерти во повеќето досегашни влади. Беше дел и од економскиот тим на поранешниот премиер Владо Бучковски, дел е и од тимот на актуелната Влада, а му беше советник на премиерот Никола Груевски и во времето на неговото министерување со секторот за финансии.
Се споменува и поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, како можен иден гувернер, но дали е можно тоа, се прашуваат познавачите, ако се земе предвид како тој си замина од министерската фотелја.
Според Законот за Народна банка на Македонија, изборот на гувернер го врши Собранието по предлог на претседателот на државата. Мандатот на актуелниот гувернер Петар Гошев истекува во мај. Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, кој треба да го предложи новиот прв човек на НБМ, цела недела нема кој да одговори дали воопшто се размислува за ова многу значајно прашање.
Гувернерот Петар Гошев изминативе години остана нечепнат, иако беше поставен по предлог на поранешниот претседател Бранко Црвенковски уште во 2004 година. Власта, иако не се согласуваше со голем број негови потези, очигледно не сакајќи да отвора ново жариште и да добива критики од ЕУ, седеше мирна. Сепак, сега дојдоа петте минути на оваа Влада и за оваа значајна позиција во државата.
А токму за тоа како да се избегне партизирањето на оваа функција дебатиравме со експертите и со опозицијата.
Професорот Томе Неновски, поранешен вицегувернер, смета дека гувернерот треба да се одликува со знаење, умеење и храброст, а смета дека го чекаат многу предизвици. „Ќе треба да се спроведе постепено внимателно и диригирано релаксирање на монетарната политика, анализа и подготовки за идно постапно заменување на монетарната стратегија на фиксен девизен курс со друга стратегија. Препорачливо е анализите и подготовките да се движат во насока на воведување монетарна стратегија на лимитирање на стапката на инфлација, која во иднина би требало да создаде поразвоен амбиент во земјата од сегашниот“, смета Неновски.
За поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, најважно е гувернерот да биде независен, каква што е и институцијата. „Тој треба да биде независен во својата работа и да се води исклучиво од потребата да обезбеди стабилност на цените во земјава, на националната валута и на екстерната ликвидност на земјата. Во конкретниов случај, имајќи предвид каква е Владата и кои личности ја раководат, гувернерот ќе мора да поседува и карактеристики на цврста личност“, вели Поповски. |