Асфалтирани улици во Прилеп
ПРИЛЕП - Жителите на Прилеп ќе можат да возат по две подновени сообраќајници, „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Битолска“.
Според информациите од општината, улицата „Кузман Јосифоски-Питу“ во населбата Точила е асфалтирана во должина од 200 метри и широчина од 3,5 метри. Улицата „Битолска“, која се наоѓа во населбата Корзо, е асфалтирана во должина од 370 метри и широчина од 3,5 метри. За оваа инвестиција од градската каса се одвоени 1,3 милиони денари.
И покрај овие зафати реакциите на граѓаните и натаму продолжуваат зашто градот е раскопан насекаде. Возачите се револтирани, а граѓаните се нервозни, бидејќи градежните активности траат со години.
Истовремено се заменуваат старите водоводни цевки со нови. Овој проект, за кој се избори претходната локална гарнитура, на Прилеп му донесе 9,2 милиони евра грант од германската банка КФВ. Проектот се реализира во неколку фази. Идната година треба да бидат пуштени во употреба новата зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и да заврши смената на дел од водоводната мрежа во градот со нови еколошки цевки. (Мн.Т.) |