Мариовските села ќе пијат вода од бунарите на РЕК „Битола“
Селата Брод и Живојно ќе добијат вода преку пумпна станица и цевковод во должина од осум километри
БИТОЛА - Артерските бунари на РЕК „Битола“ ќе снабдуваат дел од мариовските села со вода, најавуваат од општината Новаци. Водата од бунарите што комбинатот ги копа со цел стабилизирање на подземните води во двата рудника „Суводол“ и „Брод-Гнеотино“ досега се испушташе по каналите без да биде искористена.
„Во подрачјето на рудникот ‘Брод-Гнеотино‘ има пет артерски бунари. Еден од нив е биолошки и бактериолошки испитан, а водата е здрава за пиење. Од тој бунар ќе носиме вода за две села, Брод и Живојно, во должина од осум километри со пумпа под притисок. Овие села не може да се приклучат на централниот водовод. Таму е многу повисоко од акумулацијата ’Стрежево‘ од каде што се носи водата. Треба да правиме пумпни станици и тој е потешкиот начин“, вели Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.
Водата од артерските бунари на РЕК ќе се користи и за наводнување на пелагониските ниви. „Ќе правиме проект за мрежа за наводнување низ полето во тој дел каде што има од две до три илјади хектари за наводнување. Бидејќи оваа вода е употреблива за наводнување, а моментно не се користи за ништо, туку се испушта во реката Црна, што ќе биде добредојдено за нашите земјоделци“, напомнува Котевски. (А.Б.) |