Индустриската зона „Жабени“ во кома
Со зоната во близина на Битола раководи директор, ама тој ниту еднаш досега не поднесе отчет за работата пред јавноста
БИТОЛА - Локалниот индустриски развој на Битола е ставен во лер. Токму вака локалната опозиција со еден збор го опишува економскиот развој на Битола во последните пет години. Што се однесува до индустриската зона „Жабени“, најизвиканиот проект на локалната самоуправа и еден од предизборните адути на градоначалникот Владимир Талески, за опозицијата постои само терминот кома.
Четири години по промовирањето на идејата за оваа зона состојбата е очајна. На власта и' беа потребни 40 месеци да го донесе урбанистичкиот план. Повеќе од една година гради фекална канализација. А од немај каде, заради присуство на подземни води, почна со реализација на систем за чиста вода за пиење. И толку, констатираат од опозицијата. Тоа е се' што битолската власт направи досега во зоната лоцирана на магистралниот пат Битола - грчка граница, во атарот на селото Жабени. Тешко е препознатлива и лесно може да се одмине покрај нивите на автопатот. Но, затоа, пак, власта во Битола не пропушти да назначи директор на зоната. Тоа е поранешниот стопанственик Трајче Котевски, кој го исполнил својот работен век, но и натаму директорува. Од моментот на именувањето Котевски не даде отчет за својата работа. И покрај ветувањата на градоначалникот Талески, дадени пред шест месеци, дека Котевски ќе излезе и ќе презентира колку е постигнато од проектот „Жабени“, сепак, тоа не се случи. Во име на директорот Котевски, градоначалникот Талески одвреме-навреме, на прес-конференции, ја најавува електрификацијата на зоната.
Како аргумент повеќе дека проектот за индустриската зона е во коматозна состојба опозицијата ги посочува двете пропаднати јавни електронски наддавања на Министерството за транспорт и врски за продажба на парче земја од „Жабени“ за деловна намена.
„Од зоната нема прилив на средства во општинскиот буџет. Но, затоа, пак, за електрификација на ЕВН авансно и' се платени над 850.000 евра. Тоа е 100 проценти од вкупната предвидена сума за изградба на далновод и трафостаница. Од друга страна, за зоната нема никаков интерес. Ниту еден единствен заинтересиран инвеститор. Тоа е вистината од која власта не може да побегне. Има само едно единствено вработување, наспроти ветените 5.000 нови работни места со кои власта ќе ја релаксираше економската слика на Битола“, констатира советникот на СДСМ, Златко Ќурчиевски.
Опозицијата ја потсетува власта дека им останало многу за работа во „Жабени“. Изградба на далновод и трафостаници, атмосферска канализација, пречистителна станица, патна инфраструктура и, секако, да ја подобри носивоста на градежното земјиште преку замена на горниот слој со слој од дробеник.
„На локалната власт во Битола најголемиот проблем во ветената зона и' е земјиштето што се нуди за градба. И релевантни институции во земјата потврдиле дека почвата во Жабени е под вода, па тешко дека таму би се граделе објекти. Но, за жал, надлежните институции молчат“, обвинува Валентин Груевски советник на ЛДП.
На овие и на слични прашања поврзани со проектот за индустриската зона „Жабени“ јавноста нема одговор. Но, затоа градоначалникот Талески смета дека во последната година многу е постигнато во изградбата на зоната. Почнала изградбата на водоводната и на одводната мрежа, а веќе се работело и на проектот за електрификација.
„ЕВН моментно работи на проектот за електрификација. Ќе се градат четири и пол километарски далновод, голема трафостаница и шест помали трафостаници. Во првата фаза ќе се гради далноводот, големата трафостаница и само една од помалите трафостаници“, најави повторно Талески. (А.Б.)
На продажба три градежни парцели
Министерството за транспорт и врски втор пат ќе организира електронско јавно наддавање за продажба на градежни парцели во индустриската зона „Жабени“. На заинтересираните инвеститори на располагање им се три градежни парцели со површина по околу 5.000 квадратни метри, чија вредност се движи до десет милиони денари, во зависност од избраната парцела. Градежните парцели се лоцирани на државно земјиште, а се погодни за изградба на деловни објекти за дејности што се одвиваат во големи канцелариски простории, професионални сервиси и други бизнис- потреби. Пријавите за купување градежни парцели од битолската индустриска зона „Жабени“ ќе се евидентираат до 9 декември. Комисија на Министерството за транспорт и врски на 16 декември ќе го спроведе електронското јавно наддавање. За секоја градежна парцела одделно се
потребни минимум
двајца заинтересирани кандидати. (Д.Р.)
|