Втор обид за автобуска станица
ПРИЛЕП - На површина од 4.200 квадратни метри, во близина на железничката станица во Прилеп, локалните власти предвидуваат да се гради функционална автобуска станица за современ транспорт на патници.
Според повикот од Министерството за транспорт и врски, инвеститорите можат да достават понуди до 21 декември за учество во лицитација по електронски пат за продажба на државното земјиште на кое ќе се гради автобуската станица. Право на учество имаат сите домашни и странски правни и физички лица регистрирани во Централниот регистар. Јавното електронско наддавање ќе се одржи на 30 декември, со почетна цена од 500 денари за квадратен метар.
Ова е втор обид да се најде инвеститор што ќе ја добие на користење автобуската станица за 40 години. Минатата година не успеа тендерот на општината за јавно-приватно партнерство. Имаше само една нецелосна понуда, со која беше предвидено приватниот партнер со автобуската да стопанисува 30 години. (МИА) |