Виси откупната цена на пченицата
Жетвата на пченицата започна со се' уште неутврдена откупна цена. Таа се' уште виси во воздух, јакнејќи го антагонизмот меѓу производителите на пченица кои бараат најмалку 12 денари за килограм и откупувачите, кои нудат најмногу 9 денари. И едните и другите вчера не успеаја да ги испеглаат разликите во своите ставови, иако се обидоа да го ��аправат тоа седнувајќи на иста маса во Министерството за земјоделство.
Двете страни се согласни само во едно, дека треба да се стопира нелегалниот увоз на евтино брашно и жито од соседството.
„По трет пат се сретнуваме во Министерството со мелничарите, но не можевме да најдеме заеднички јазик зашто нашите барања за цената на пченицата остануваат исти, 10 денари плус данок на додадена вредност. Од некои млинари, како што е ’Жито Вардар‘, добивме понуда 8,8 денари со која не можеме да ги покриеме елементарните производни трошоци“, изјави по средбата Тодор Петков, производител и член на Федерацијата на фармери.
Тој најави дека до крајот на оваа или идната недела, земјоделците и преработувачите повторно ќе имаат средба, но со претставници на Министерството за економија, од која се надеваат дека ќе има некаков ефект и ќе се реши проблемот со неконтролираното внесување брашно во земјава, со што ќе се реши делумно и проблемот со откупот на лебно жито.
„Додека не се стопира увозот на пченица и брашно, нема да има земјоделци. Годинава беше многу врнежлива поради што малку се посеа. Јачмен ќе нема воопшто, а во прашање е доведено и изведувањето на жетвата“, истакна Драган Мицковски, производител од прилепското село Загорани. Со сегашната политика, кога во екот на жетвата се увезува брашно, според него, ќе се уништат земјоделците, а нема да има и пченица, еден од нашите стратегиски производи.
Преработувачите, за разлика од производителите, ја оценија вчерашната средба како многу конструктивна. Нивната интенција, како што изјави Николче Николов, сопственик на „Мак млин“, е најпрво да се откупи домашниот род. „Не можеме да договориме заедничка цена. Секоја компанија ќе си утврдува одделно зависно од квалитетот на пченицата и начинот на плаќање“, рече Николов.
Приносот на пченицата годинава во источниот регион на Македонија се проценува на 2,2 тона од хектар, а во Пелагонија на околу четири тони. Од засеаните вкупно 96.250 хектари се очекува откуп на 140.000 тони по просечна цена од 7,74 денари. (А.С.) |