Синдикатот ќе бара спас од Владата
Поради неповолната економска состојба во земјава, Сојузот на синдикатите на Македонија ќе инсистира во наредниот период Владата да преземе економски мерки кои ќе обезбедат развој и отворање нови работни места. Треба навреме да се враќаат средствата на претпријатијата по основа на ДДВ, вработувањата во јавната администрација да се сведат на минимум, да се намалат непродуктивните трошоци од буџетот, а заради обезбедување минимална материјална егзистенција на работниците, да се утврди минимална плата во државата.
Тоа се дел од заклучоците од вчерашната седница на претседателството на ССМ. Овие мерки во текот на неделава ќе се дополнат и прошират и потоа ќе и' се достават на социјалниот партнер, Владата, која понатаму треба да стори нешто за нивна практична реализација. Според претседателот на ССМ, Живко Митревски, списокот на предлог-мерките со кои ССМ ќе настапи пред Владата, ќе се докомплетираат деновиве откако гранските синдикати ќе ги допрецизираат своите ставови.
Земјата на економски и на социјален план е во многу тешка состојба, констатираа синдикалците. Годинава животниот стандард од ден на ден опаѓа. Македонскиот работник со својата просечна плата едвај успева да ја обезбеди храната за семејството, а за да ги намири останатите трошоци во домот, се задолжува кај банките за што плаќа високи камати. И компаниите секојдневно укажуваат на проблеми со ликвидноста. Се' повеќе фирми не можат навреме да ги исплатат и онака ниските плати, како и социјалните придонеси на работниците. Во ��сто време, поради недостиг од средства во буџетот кај социјалните фондови, државата се' почесто се задолжува кај домашните и странските банки, како и кај меѓународните финансиски институции. На пример, за исплата на пензии во март годинава се потрошени 51,9 отсто од вкупните социјални трансфери во буџетот, а за 50.882 домаќинства, се исплатени 125,7 милиони денари за социјална помош, што е 49,3 отсто од социјалните исплати по сите основи. (М.Т.) |