„Браќа Манаки“ ќе награди тројца оскаровци
Били Вилијамс, Питер Сушицки и Ентони Дод Мантл се исклучителни британски сниматели, кои имаат импресивни биографии
Сунчица Уневска
Годинава на јубилениот 30. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ имаме двајца добитници на „Златна камера 300“ за животно дело и една Специјална награда за исклучителен придонес кон светскиот филм, но она што е интересно е фактот дека сите тројца по играта на случајот се британски сниматели. Станува збор за многу особени и различни меѓу себе автори на филмската слика, кои потекнуваат од сосем различни генерации: Били Вилијамс, Питер Сушицки и Ентони Дод Мантл, кој ќе ја добие специјалната награда. Овде ќе се обидеме само кратко да претставиме дел од нивните импресивни биографии.
Били Вилијамс (р.1929) е целиот свој живот зад филмската камера, и иако има снимено само педесетина филма, тој остави силен печат во филмската уметност. Во филмската камера Вилијамс се вљубил многу рано, бидејќи татко му бил снимател и станал негов асистент уште на 14 години. Неговите почетоци се врзани со неколку значајни британски автори, како Кен Расел, Џон Шлезингер и Тед Кочиф, со кои при крајот на 1950-тите работел рекламни филмови. Веќе првите играни филмови кои ги снимаат заедно ќе направат бум во светот на филмот и ќе најават една генерација на смели автори со особени авторски ракописи. „Вљубени жени“ на Кен Расел, кој на многу необичен начин се осврнува на љубовта помеѓу една четворка, во кој фантастична улога дава Гленда Џексон, ќе освои 20 награди, меѓу нив „Оскар“ и „Златен глобус“, а на Вилијамс ќе му донесе номинации за „Оскар“ и за „Бафта“. Така е и со „Крвава недела“ на Џон Шлезингер од 1971 година, уште една провокативна драма за машко-женските релации и нивната оптовареност со предрасуди, која освои четири „оскари“, а Вилијамс повторно доби номинација за „Бафта“.
Тој имаше номинација за „Оскар“ и за филмот од 1981 „На златното езеро“ на Марк Рајдел, кој им донесе „оскари“ на Хенри Фонда и Кетрин Хепберн, а конечно „оскарот“ го освои во 1982 година за филмот „Ганди“ на Ричард Атенбороу. Во „Ганди“ Вилијамс создаде една незаборавна епичност, атмосфера и многу инвентивно користење на природните контрасти и сончевата светлина. Ќе спомнеме уште неколку карактеристични филма, како „Папата Јована“, „Стаклена менажерија“, „Ветер и лав“, „Патот на проколнатите“, „Ѓаволовиот адвокат“, „Елени“, „Осомничен“ и фактот дека пред камерата на Вилијамс често беа легендарните актери: Мајкл Кејн, Ентони Квин, Кетрин Хепберн, Лив Улман, Феј Данавеј, Кирк Даглас, Макс фон Сидов, Гледна Џексон и многу други.
Питер Сушицки (р. 1941), кој досега има снимено 45 филма, сепак, најпознат станува по соработката со канадскиот режисер Дејвид Кроненберг. Би рекле дека тоа е малку неправедно, бидејќи Сушицки, кој исто потекнува од снимателска фамилија, има навистина исклучителна биографија. На самиот почеток со документарецот „Воена игра“ на режисерот Питер Воткинс го освојуваат „Оскарот“. Понатаму Сушицки работел на „Чарли Баблс“ на Албер Фини, на култниот мјузикл „Роки хорор пикчр шоу“ на Џим Шерман, на „Валентино“ на Кен Расел, посветен на големата легенда Рудолф Валентино, кој ќе му донесе номинација за „Бафта“. Тој беше зад камерата и на „Ѕвездени војни. Империјата го возвраќа ударот“, „Да се биде вљубен“ со Де Ниро и Мерил Стрип, „Каде што е срцето“ на Џон Бурман, филмот за Бетовен „Бесмртна љубов“ па се' до „Марс напаѓа“ на Тим Бартон.
Но, како што рековме, Кроненберг и осумте филма кои ги потпишуваат заедно стануваат неговото обележје. Ќе добие четири канадски награди „Џени“ за „Близнаци“, „Гол ручек“, „Судир“ и „Источни ветувања“, а со Кроненберг работеа и на: „Мадам Батерфлај“ со Џереми Ајронс, на „Егзистенз“, кој освои „Сребрена мечка“, на „Пајак“ филмот со 30 награди и на „Историја на насилство“ кој освои дури 50 награди, како и две номинации за „Оскар“.
Ентони Дод Мантл (р.1955), кој ќе дојде само на отворањето, ќе ја има и честа со неговиот филм „Милионер-бездомник“ во режија на Дени Бојл, да се отвори годинешниот фестивал. Дод Мантл најмногу е познат по неговата соработка со данските автори и творци на манифестот „Догме“. Заедно со Томас Винтерберг и Ларс фон Трир, Јенсен и Јакобсен создадоа такви дела, кои ја изменија филмската слика. Доволно е да ги споменеме само „Прослава“, „Догвил“, „Мифуне“ и најновиот „Антихрист“. Дод Мантл работеше и на американскиот „догме“ филм „Џулиен магаренцето“ на Хармони Корин, како и на темната независна сторија „Браќа по глава“. „Оскарот“ му го донесе филмот на Дени Бојл „Милионер-бездомник“, а Европската филмка награда ја има освоено за: „Последниот шкотски крал“, за „Мендерлеј“, „Догвил“ и „28 дена подоцна“ исто на Дени Бојл. Во Битола годинава ќе ја имаме единствената можност да се сретнеме со нив и да поразговараме за се' што овие дела и нивната филмска слика ги прави единствени.
|