Денеска на МОТ е македонскиот ден
Сцена од „Маркиза“ во режија на Звезда Ангеловска
Денешниот ден на МОТ е резервиран за македонските претстави. Во Младинскиот културен центар и во Драмскиот театар ќе можат да се проследат вкупно пет македонски претстави, и тоа од театрите во Скопје, Велес и Битола.
Во МКЦ во 12 часот ќе се претстави Театарот за деца и младинци со современата претстава „Телефонот“ во режија на Боњо Лунгов, во која главен лик е телефонот, без кој денеска е незамисливо да се живее. Во Драмскиот театар во Скопје во 19 часот е претставата „Маркиза“, која според текстот на Јукио Мишима ја режираше Звезда Ангеловска, која го направи и изборот на музиката. Во претставата, поместена во 18 век во Париз, играат шест жени низ чии приказни тече сторијата за Маркиз де Сад. Потоа во МКЦ од 21 часот следуваат три претстави, почнувајќи со велешкиот театар и претставата „Учителот Џинот“ на Деан Дамјановски. Во 22,30 часот е претставата „Едип“ во режија на Златко Славенски, во која трагањето по вистината низ митот за Едип го прави Ѓорѓи Јолевски. Овој македонски колаж завршува со битолската претстава „Другата страна“, која ќе се одржи на полноќ. „Другата страна“ е во режија на Мартин Кочовски, а говори за вечниот проблем на судирот на генерациите.
Денеска во 11 и во 18 часот има работилница, чиј предавач е Звезда Ангеловска, која ќе говори за театарската уметност според Гимпиус и Петербуршката современа академија. А во музичкиот дел, во 22 часот ќе настапат Сашко Костов и Славчо Пеев кои изведуваат експериментален, електронски гитарски меланхо-поп. (С.У.)
|