„Созерцание“ на Трајков македонски кандидат за „Оскар“
Македонско-чешката копродукција „Созерцание“ во режија на Иво Трајков ќе биде годинешниот македонски кандидат за „Оскар“. „Созерцание“ беше и единствен долгометражен филм кој се пријави на овој конкурс и за кој комисијата одлучи дека треба да ја претставува нашата земја во годинешната трка за номинации во категоријата за „оскар“ за странски филм односно филм од неанглиско говорно подрачје.
Со ова „Созерцание“ е вториот филм на Иво Трајков, кој ќе се најде во оваа трка. Претходно беше „Големата вода“, кој имаше навистина добри критики во сите американски филмски списанија. Како што ни рече Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмски работници, овој филм бил единствениот кандидат кој се пријавил и кој ги исполнува условите. Првиот услов го исполнува со тоа што режисерот Иво Трајков и продуцентот Роберт Јазаџиски се од Македонија, а вториот услов е да се прикажувал седум дена во нашата земја. Комисијата составена од: Димо Попов, директор на фотографија, Кирил Спасевски, сценограф, Жаклина Крстевска, костимограф, Васил Христов, режисер и Роберт Насков, продуцент, на 20 септември го гледала филмот во Кинотеката на Македонија и едногласно одлучила за неговата годинешна кандидатура. (С.У.) |