Франција на чело на ЕУ со обесхрабрени амбиции
Другите европски престолнини и гласачите од Ирска ја принудија француската дипломатија да ги намали своите цели
ПАРИЗ - Франција утре го презема ротирачкото претседателство на ЕУ кое во почетокот беше најавувано како шестмесечна дипломатија исполнета со акција, но другите европски престолнини и гласачите од Ирска ја принудија да ги намали своите цели.
Минатата година, по изборната победа, претседателот Никола Саркози имаше низа планови за неговиот мандат на чело на ЕУ, од Медитеранска унија во стилот на ЕУ до воведување нов институциски ред во Унијата и одржување на самит за еврото. Тие планови или се разводнија или се отфрлени, со што им опадна сјајот на амбициите на Саркози. „Тргнавме од визијата дека Саркози ќе ја смени Европа кон малку пореален поглед на тоа што може да направи еден претседател“, рече Оливие Луј, претседател на програмата за претседателствување со ЕУ од Францускиот институт за меѓународни односи (ИФРИ).
За многу земји, координирањето на политиката и организирањето многубројни состаноци, кои одат заедно со претседателствувањето со 27-члената Унија, се само уште една административна работа. Сепак, Саркози вети дека мандатот на Франција ќе биде модел за акција и ефективност. Медитеранската унија требаше да ги обедини различните жители од приморските земји во една рамка инспирирана од ЕУ. Меѓутоа, Германија и другите земји се откажаа од идејата Франција, Италија, Шпанија и Грција да привлекуваат финансиски средства од ЕУ за да финансираат проект кој не би бил отворен за земјите од ЕУ што не излегуваат на медитеранското крајбрежје. Иницијативата беше намалена, членството проширено на сите земји-членки на ЕУ и таа беше преименувана во „Унија за Медитеранот“. Основачкиот самит во Париз на 13 јули ќе биде еден од главните настани на претседателствувањето, но останува да се видат влијанијата и сомневањата дали ќе присуствуваат сите лидери.
„Французите се многу загрижени дека ќе немаат ПР-стратегија за претседателствувањето, тие не знаат што да пр��даваат. А единственото нешто што можат да го продадат е тој медитерански самит“, рече Улрике Гверот, шеф на берлинската канцеларија на истражувачкиот центар на Европскиот совет за надворешни односи. Од Париз, исто така, се очекува да одигра улога на бабица за Лисабонската спогодба за реконструкција на институциите на ЕУ, која требаше да стапи на сила на 1 јануари и да назначи долгорочен претседател на Унијата.
Одбивањето на реформската спогодба на ЕУ од страна на ирските гласачи на референдумот во јуни, ја потопи секоја надеж за спогодбата за која Саркози помагаше да стапи на сила во предвидениот рок. Саркози ќе го посети Даблин на 11 јули за да побара решение со кое би можело да се одговори на загриженоста на ирските гласачи, и да се овозможи владата да организира ново гласање следната година, јавуваат дипломатски извори. „Сега кога постои ирското ’не’, иднината на Лисабонската спогодба го засенува останатиот дел од агендата, а Французите треба да бидат креативни и да понудат решенија“, рече Гверот. „Доколку настапат со добри преговори со Ирците и изнајдат решение што ќе го сочува образот, тогаш тоа би било голем, голем, голем резултат“, додаде таа.
Медитеранската унија и неуспехот на Лисабонската спогодба следеа откако Париз тивко се откажа од уште една цел - одржување на првиот самит на лидерите од 15-члената еврозона посветен на единствената валута, поради што Париз и Берлин се судрија на почетокот на мандатот на Саркози. Многу други официјални приоритети на Франција се соочуваат со препреки. Една од целите е постигнување договор за механизмите за намалување на емисиите на стакленички гасови и промовирање на зелени енергетски извори, со што се подготвува теренот за состанок во Копенхаген следната година на кој ќе биде создаден наследник на Протоколот од Кјото за климатски промени. Дипломатски извори истакнуваат дека тоа е посебно тешка задача бидејќи многу земји поставуваат сопствени барања.
Саркози најави дека сака да го искористи претседателствувањето со ЕУ за да ја издигне европската одбрана, но таа амбиција пред се' ќе зависи од другата голема воена сила на Унијата, Велика Британија. Париз, исто така, треба да го предводи унапредувањето на Заедничката земјоделска политика и да ги постави темелите за идни реформи, но досегашните разговори покажаа мал напредок. (Ројтерс) |