На тезгите на плоштад стари книги, а нови проблеми
И на новата локација продавачите на стари изданија се жалат, со старите проблеми
Бојан Шашевски
Дел од луѓето кои со години нудеа стари книги, учебници, сувенири, украси и плочи покрај кејот на Вардар сега продаваат на стилски унифицирани тезги во срцето на градот. Тезгите се разместени на 11 локации околу плоштадот и по должината на улицата „Македонија“.
Иако моментално се обидуваат повеќе да заработат на поатрактивен, пофреквентен простор, сепак, некои од продавачите велат дека заработувачката и овде е минимална. Не сакајќи да се претстават, дел од тезгаџиите се пожалија за „Утрински весник“ дека четирите издавачки куќи „Ѓурѓа“, „Три“ „Дијалог“ и „Табернакул“ и нивните штандови постојано им го земаат лебот.
„Ни кратат од егзистенцијата, а веќе имаат свои продавници. Претходно друштвата на книжевна дејност се бунеа за нелојална конкуренција кога бевме покрај Вардар, ГТЦ, па и кај МНТ, а сега тие продаваат нови изданија на тезги предвидени како антикварници. Не е фер начинот на селекција. Не знам зошто четири од единаесетте штанда им се доделени ним. Но, добро е што од Градот се сетија и на нас. Граѓаните слабо читаат, но вадам некој денар, колку да не се рече дека е без ич“, вели постар господин од „Антикварница за книги бр. 1“ на плоштадот „Македонија“.
Млад човек во триесеттите, продавач на тезгата нумерирана со број 5 на улица „Македонија“, образложи дека за разлика од подзатскриениот продажен простор близу Комплекс банки, тука се чувствува раздвиженост.
„Луѓето требаше специјално да пешачат дотаму за да земат книга. А, на народот треба кориците да му бодат очи за да купат некое издание“, објаснува продавачот. Додава дека тезгите се непрактични од аспект на обезбедување на производите, кога продавачите барем за кратко мораат да се оддалечат од нив барем за да појдат до тоалет.
На тезгата број 7, близу хотелот „Бристол“, работи поранешен полицаец. Средовечниот човек вели дека многу од граѓаните наместо да купат, му продаваат книги. „Заработувачката е многу мала и издавачите ни ги земаат муштериите. Наместо од Градот да ни обезбедат туристички материјали за Скопје за да привлечеме некој странец повеќе, надлежните бараат да пуштаме музика. На горниот дел од тезгата има инсталирано звучници. Тврдат дека тоа било предвидено со проектот. Мене ми се плаче, а тие ме тераат да пеам“, вели поранешниот припадник на МВР.
Од штандот на „Табернакул“, поставен спроти Ристиќева палата, младиот книжар вели според Законот за работни односи, одработува по 40 часа неделно, а граѓаните се расположени за купување и за нови изданија.
„Условите за работа на тезгиве се солидни. Дел од штандовите се доделени на приватни лица, а дел се на физички лица, кои продаваат стари книги. Сите бевме избрани на јавен повик“, објави вработениот од „Табернакул“.
Од Градот нагласуваат дека закупците на тезги, правните и физичките лица, се обврзани да стопанисуваат со нив и да ги одржуваат во исправна состојба. Критериумите за работа беа јавно објавени во конкурсот и единствено врз основа на нив, тезгите беа доделени. Работното време на книжарниците беше определено. Закупувачите согласно со склучените договори мораат да плаќаат месечна закупнина од 1.000 денари“. |