Нов изглед на „Лазо Трповски“ во новата учебна година
Општинарите ја почнаа реконструкцијата на објектот. Предвидено е да се замени дрвенаријата, да се подноват тоалетите, подот, фасадата...
Комплетно нови тоалети и дрвенарија, нова фасада и подови и сопствено затоплување. Во вакви услови основното училиште „Лазо Трповски“ во Карпош ќе ги отвори вратите во почетокот на новата учебна година. Подновувањето на објектот симболично беше најавено вчера. Градоначалникот Стевчо Јакимовски истакна дека реконструкцијата на училиштето е дел од соработката меѓу Општината и фондовите на ЕУ, кои, генерално, ги финансираат зафатите.
„Општина Карпош во ОУ ‘Лазо Трповски‘ веќе го смени затоплувањето, кое сега ќе биде сопствено, потфат што чинеше 60 илјади евра, а веќе почнаа и работите околу промена на покривот и на прозорците, финансирани од ЕУ. Реконструкцијата на овој објект ќе чини околу 700.000 евра, од кои половината се европски пари“ изјави вчера Јакимовски.
На терен веќе интензивно се врши промена на покривот и прозорците, а изведувачите се координираат за почеток на реконструкција на тоалетите, подовите, фасадата. Предвидено е по конечната обнова на објектот нов лик да добие и дворната ограда на училиштето.
Инаку, ова е втора од четирите реконструкции што планираат општинарите да ја реализираат оваа година, за што во буџетот имаат издвоено 2,5 милиони евра. (Дс.Т.) |