Се стандардизира квалитетот на НВО во регионот
Во Загреб промовирани модели на системи за осигурување на квалитетот на граѓанските организации
Од нашиот известувач Катерина Богоева
ЗАГРЕБ - Претставници на четири граѓански организации од земјава: Фондација за развој на локалната заедница - Штип, Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ) - Гостивар, Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ - Велес и Граѓанска асоцијација „Мост“ - Скопје, во изминатите три дена во Загреб учествуваа на Првата регионална конференција посветена на системите за осигурување на квалитетот на граѓанските организации во земјите-корисници на претпристапната помош на Европската унија.
Како дел од двегодишниот регионален проект за техничка помош на граѓанските организации ТАКСО, настанот беше отворен со учество на претставници на највисоките државни институции од Хрватска и претставуваше добра можност за размена на стекнатите искуства. Учествуваа стотина претставници на граѓанскиот сектор и на владините институции што со нив соработуваат од Хрватска, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Турција, а со предавања и претставници од Словенија и од Велика Британија.
„Македонските учесници се запознаа со постојните стандарди за осигурување квалитет во граѓанските организации, наречени ПИКАСО и СОКНО и со искуствата од нивната примена. Подготвени се насоки за акциски план со цел и во нашата земја да се отвори расправа за потребата од воведување на стандардите. Организациите што би вовеле вакви системи за квалитет ќе го подобрат раководењето со процесите во организацијата, раководењето со луѓето и парите, ќе осигураат транспарентност и отчетност, ќе обезбедат посоодветно адресирање на потребите и поголемо влијание во општеството. Имајќи предвид дека голем дел од граѓанските организации во Македонија имаат ограничени капацитети и функционираат благодарение на волонтери, презентираните стандарди можеби поставуваат превисоки барања за поголемиот дел од нив. Но, сепак, сметам дека тие ќе бидат потребни барем за оние организации што ќе добијат статус на организации од јавен интерес и кои трошат финансиски средства од Буџетот“, изјави Сунчица Саздовска, раководителка на македонската канцеларија на проектот ТАКСО.
Пале Вестергард, раководител на регионалната канцеларија на ТАКСО со седиште во Сараево, потенцира дека во Хрватска (земјата актуелен пример во регионот во досегашниот развој на граѓанските организации) претходно се одржани два настана посветени на квалитетот на работењето на граѓанските организации кои се сметаат за суштински за иднината на нивното работење. „Акциските планови подготвени тука ќе бидат преземени од локалните претставници и се надевам дека ќе постои желба и можност и во другите ИПА-земји да се запознаат локалните организации со ова важно прашање. Потребно е во иднина да се дискутира и на прашањето дали одиме во насока во која се потешко се подготвуваат проекти и се обезбедуваат фондови? Посилните организации успеваат во тоа“.
Шпенд Имери, претседател на Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ, која постои од 1994 година, смета дека граѓанските организации во Македонија треба да направат свои модели на систем за осигурување на нивниот квалитет, почитувајќи ги досега собраните искуства. „Тоа би придонело за подобар развој на организациите како сервис на граѓаните, но процесот на имплементацијата на стандардите, сепак, мислам дека не би одел брзо“. |