Татковци и деца на Битолскиот универзитет
Без конкурси, со интерни огласи на универзитетите, се вработувале луѓе од улица како демонстратори, асистенти, па дури и како професори, велат од Антикорупциска
Жаклина Ѓорѓевиќ
Вирусот семејни вработувања се шири и на другите универзитети. Откако изби аферата за семејни вработувања на Скопскиот универзитет, сега се открива дека заразени од вирусот биле и другите универзитети. Државната комисија за спречување корупција има сознанија дека семејни вработувања имало и на Технолошко-техничкиот факултет, каде што, наводно, имало десетина вакви случаи. Но, Комисијата добила поплаки и за семејни вработувања и вработувања со врски и на сите други универзитети, па дури и на помалите високообразовни институции.
Паника на скопскиот универзитет „Св.Кирил и Методиј“ каде што дури половина факултети од оние кај кои е извршена инспекција се ставени на црната листа на семејни вработувања. Затоа в понеделник е закажана вонредна ректорска управа, на која главна тема ќе бидат вработувањата. Деканите вчера не криеја дека има семејни вработувања, но ги бранеа своите колеги објаснувајќи дека вработувањата се целосно во согласност со законот.
„Добивме информации дека на Технолошко-техничкиот факултет во рамките на Битолскиот универзитет има најмалку 10 случаи на вработувања на свои, блиски луѓе на бесправен начин по пат на влијанија“ изјави за „Утрински“ Илми Селами, претседател на Антикорупциска комисија, која поведе постапка за целата афера што сега ги тресе факултетите. Според Селами, без конкурси, а само со интерни огласи се вработувале луѓе од улица на позиции како демонстратори, асистенти, па дури и професори. „Имало нерегуларности од различен вид“, коментира Селами, кој рече дека нивните сознанија за семејни вработувања се потврдиле со инспекцијата на Министерството за образование и наука. Сознанијата за семејни вработувања до Антикорупциска дошле од граѓани што конкурирале за асистенти и за други места на факултетите, а не можеле да добијат вработување, наводно, поради семејни врски.
Селами најави дека ќе бараат мерки за разрешување на сите оние што се вработени поради семејни влијанија ако се докаже дека тоа е направено незаконски бидејќи семејните вработувања, според него, се косат со законите за судир на интереси и за спречување корупција. „Пристапот до работно место е уставна категорија. Но, кога има случај на корупција, треба да се почитуваат постојните закони. Доколку се констатира дека е дојдено по пат на влијанија, тогаш ќе преземеме мерки да се разрешат и ќе ги повикаме на кривична и на друг вид одговорност првите луѓе што влијаеле врз тоа“, потенцираше Селами, најавувајќи дека тоа ќе го сторат во најскоро време.
Деканот на Стоматолошки факултет, Александар Грчев, потврди дека кај нив имаат случаи истовремено да бидат ангажирани неколку членови од семејство, но, според него, не станува збор за семејни вработувања. На факултетот, вели тој, има случаи на ангажирање кадар што е вработен во Клинички центар, а не на факултетот, бидејќи веќе 12 години тие немаат ниту едно вработување. И деканот на Факултетот за физичка култура, Гино Стрезовски, потврди дека кај нив има семејни вработувања, но не сакаше да даде дополнителен коментар.
На Факултетот за електротехника и информациски технологии има тројца професори чии ќерки се, исто така, вработени на факултетот, но на други катедри, а не кај нивните татковци. Меѓутоа, за нив, деканот Миле Станковски тврди дека биле првенци на генерација. Четвртиот случај се брачен пар, но се зеле додека работеле на факултетот.
„Тоа не се коси со Законот за високо образование. Приемот оди според конкурс и има право секој да конкурира. Јас не гледам причина дека е противзаконски ако го избереме најдобриот што конкурирал, вели деканот. Сличен е ставот на деканот на Машинскиот факултет, Атанас Кочов, кој објаснува дека сите вработувања се од пред дваесетина години и сите лица се избрани со согласност на Наставно-научниот совет, кој брои 75 члена. Деканот тврди дека нема приватни врски, бидејќи имале случај кога не избрале дете на професор.
Тодоров ќе бара отказ од сопругата?
„Доколку постои судир на интереси и непотизам, јас сум подготвен да побарам од мојата сопруга да си даде отказ. Но, дали тоа ќе го следат и синовите и ќерките на оние 40 случаи на Медицинскиот факултет кои се вработени таму и кои ги добиле асистентски места како резултат на поддршката од своите родители“, изјави вчера министерот за образование и наука, Никола Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање дали има непотизам во тоа што неговата сопруга и вујна работат на Патологија.
„Едната работи 20 години, можеби и повеќе, и нема врска со мене. Таа е професорка на факултетот, а мојата жена, исто така, работи таму четири-пет години“, одговори министерот, по вчерашното потпишување на Протоколот за социјално партнерство во областа на стручното образование и обука. (Ж.Х.З.) |